На ранч кај Мариа Дуда Дибиаџио: Животните како терапевти против анксиозност и депресија

Мариа Дуда Дибиаџио
Мариа Дуда Дибиаџио / Фото: Приватна архива

Во Америка оди по нови искуства, а се враќа во Македонија за да ги примени. Така е и со ранчот кој Мариа Дуда Дибиаџио го основа со цел терапија со коњи за лицата со посебни потреби, но и за намалување на стрес и анксиозност.

Ранчот „Д Кантрисајд“ (The Countryside) се наоѓа во општина Ранковце, на 20 километри пред Крива Паланка. Отворен е за посетители од 2021 година, а веќе доби поддршка од Фондот за иновации за изработка на специјална програма за хипотерапија со коњи, нешто кое му е потребно на секој поединец, а најмногу на луѓето кои имаат здравствени проблеми.

– Ова ќе биде нешто иновативно во нашата држава, па и на Балканот, каде што ќе бидат вклучени и дефектолози, логопеди, физиотерапевти, психолози и јас како работник со животните. Првично ќе имаме еден пилот проект од три месеци каде бесплатно ќе ја понудиме оваа програма, вршејќи и мониторинг, за да ги направиме истражувањата и добиеме резултати за напредокот во развојот на лицата со посебни потреби – објаснува Мариа.

Мариа Дуда Дибиаџио
Мариа Дуда Дибиаџио / Фото: Приватна архива

„Д Кантрисајд“ е ранч кој опфаќа терапија со помош на спасени животни за инспирација, но и за мотивација на луѓе.

– Коронавирусот си го направи своето, посебно во последните две години, многу луѓе страдаат од стрес, депресија, анксиозност и панични напади. На многу посетители одлично им дејствува целата дружба со животните. Овој ранч нуди терапија со коњи, независно дали лицата се со посебни потреби или не. Од чешлање, грижа за животните, собирање сено, спортски активности, ранчот ги нуди сите овие активности, со можност за преноќување – вели Мариа.

Мариа Дуда Дибиаџио
Мариа Дуда Дибиаџио / Фото: Приватна архива

Мариа е родена и израсната кривопаланчанка, а живеела на различни места ширум светот. Љубовта кон животните ја негува уште од мала. Иако израснала во стан, летните месеци ги поминувала на село каде ги „позајмувала“ коњите за јавање.

– Лета поминати на село, постојано со животни. Со братучетка ми како мали јававме коњи „на крадење“ (се смее, н.з). Тие беа врзани, ние ги крадевме, јававме и ги враќавме. Од коњите започнува мојата љубов кон животните. Сите животни на ранчот се спасени, а Пикасно ми е првиот коњ. Моментално имам пет коњи, едно магаре – Матилда, седум кучиња, две кози и мачиња. Убавината е во тоа што, кога ќе дојдете на ранчот, ќе видите дека мачето може да се качи на коњот, не се плашат едни од други, козите одат по вас како кучиња. Јас првично ова го направива за себе, како хоби, како нешто што мене ме прави среќна, но потоа сакав да го споделам и со другите зашто делува навистина позитивно.

Мариа Дуда Дибиаџио
Мариа Дуда Дибиаџио / Фото: Приватна архива

За разлика од Македонија, во Америка, посебно на западниот брег, терапијата со коњи ја препорачуваат дури и докторите, но не само за лица со посебни потреби туку и за оние кои се соочуваат со други здравствени проблеми. Затоа Мариа сака да создаде центар каде што секој родител ќе може да дојде со своето дете и ќе биде дел од терапијата со животните што ги одгледува, а кои претходно самата ги спасила.

– Доаѓаат многу луѓе, дури и мои пријатели што имаат деца со посебни потреби. Според моето искуство, а и според практиката на многумина од другите земји низ светот, многу популарно е користењето на животните за емотивна поддршка кај луѓето. Докторите во Америка го препишуваат како терапија. Кај нас, за жал, состојбата е поинаква, а на ранчот целам да го направам тоа достапно – вели Мариа.

Таа е менаџерка, хуманистка, жена од акција, жена која го остварува својот сон секојдневно, а воедно ги охрабрува сите да не ја потиснуваат идејата, да веруваат во себе и да не го чекаат вистинското време затоа што правила за тоа нема. Во големото срце на оваа девојка има љубов и за луѓе и за животни, а често ќе ја видите во друштво на коњи, кучиња, мачиња…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот