Фото: Слободен печат

На Партизанска се залеваат пукнатините, набраниот асфалт не се чепка

Неколку години по реконструкцијата на Партизанска, асфалтот на булеварот е повторно оштетен, со пукнатини кои се решаваат со залевање. Се чини, граѓаните за некоја година одново ќе мора да трпат уште едно реконструирање на улицата, кое, кој знае, можеби ќе биде подолготрајно од претходното.

На една од најфреквентните сообраќајници во градов деновиве се залеваат пукнатините на асфалтот за да се спречи во нив да навлегува вода и земја кои постепено го оштетуваат асфалтот. Станува збор за булеварот Партизански одреди, каде денеска во работно време работеа екипите на ЈП „Улици и патишта“ што предизвикува отежнато одвивање на сообраќајот во делот кај пазарот „Буњаковец“.

Од претпријатието информираа дека залевањето на пукнатини претставува санациона мерка со која се спречува навлегување вода, нечистотии и замрзнување во коловозната конструкција, за да се продолжи нејзиниот работен век.

Со оваа постапка се обезбедува водоотпорно, еластично и трајно затварање на пукнатините со ширина од 3 до 25 mm, што значително ја намалува можноста за понатамошно оштетување на коловозот – велат од „Улици и патишта“.

Оттаму тврдат дека екипите изминатиот период веќе направиле вакво санирање на пукнатините на улицата Рузвелтова и на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, а најавуваат дека ќе продолжат и во наредниот период да ги санираат сите коловозни површини на градските улици и булевари, каде што има пукнатини во асфалтот.

Фото: ЈП „Паркови и зеленило“

И додека се пополнуваат пукнатините за да се сочува коловозот, Град Скопје и „Улици и патишта“ треба сериозно да размислат за целосна реконструкција на асфалтот на овој булевар.

Пред неколку месеци на пример, на делот пред „Симпо“ во Карпош 1 две недели зјаеше дупка на коловозот која се протегаше преку двете сообраќајни ленти. За целиот тој период додека возачите влетуваа во дупката и ги оштетуваа автомобилите или ненадејно кочеа пред неа ризикувајќи да предизвикаат сообраќајна несреќа, пред дупката не се постави ниту знак за предупредување. Кога надлежните конечно ги видоа оштетувањата, се зафатија за работа за да ја санираат дупката.

Сега, екипите на „Улици и патишта“ треба да прошетаат од другата страна на Партизанска, кај автобуската кај „Мал одмор“ па да видат во каква состојба е асфалтот. Тој е толку набран, дури и издигнат над тротоарот што секој граѓанин треба крајно внимателно да влегува во автобус за да не се повреди.

Можам да ви кажам дека е долго време вака. Секое влегување во автобус е ризик, а тие застануваат тука, можеби токму автобусите и направиле вакви оштетувања на асфалтот. Опасно е сега затоа што може некој нога да искрши, а уште поопасно е преку зима, особено на снег затоа што испакнувањата не се гледаат, па лесно може многу сериозно да се повреди човек. Не ми е јасно што асфалт користат, како го поставуваат за волку брзо да се оштетува. Колку што се сеќавам пред некоја година се реконструираше Партизанска, вели жител на Карпош со кого поразговаравме на автобуската кај „Мал одмор“.

Дали станува збор за неквалитетен материјал и лоша изведба останува непознато, но точно е дека Партизанска се обновуваше по делови неколку години. Започна во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски, а заврши во мандатот на Петре Шилегов. За целиот тој период се менуваше асфалтот по фази, се запираше сообраќајот, се возеше по дупки и гребаници и се нервираа граѓаните.

Фото: Слободен печат

Во јуни 2017 година започна реконструкција на потегот од раскрсницата со Рузвелтова до раскрсницата со булеварот 8 Септември, на потег долг околу 900 метри, откако неколку години претходно се работеше во делот што поминува низ општина Центар. Рокот за изведба беше 90 дена, работите ги изведуваше „Бауер БГ“ и како што најави тогаш Трајановски реконструкцијата требаше да заврши до почетокот на учебната година, но активностите продолжија до ноември и за целиот тој период коловозот беше постојано раскопан, постојано една лента беше затворена за сообраќај, се гребеше стариот асфалт, па се ставаше нов.

Во март идната година градежните работи ги продолжи новото градско раководство на чело со Шилегов. И одново беше изгребан асфалтот на крстосниците на оваа делница. Од Градот објаснуваа дека не можеле веднаш да асфалтираат бидејќи времето се расипало и дека според режимот на сообраќај утврден од МВР на крстосниците можело да се работи само за време на викендите.

Истата година во септември започна реконструкцијата на Партизанска во населбата Влае односно од мостот Обединети нации до кружниот тек кај улицата Ацо Шопов. Тогаш Град Скопје ангажираше две различни фирми да ги изведуваат градежните работи со цел побрзо да заврши реконструкцијата. Обновата на овој потег во должина од 850 метри чинеше околу 19 милиони денари.

Откако конечно, после многу „голтање прашина“ овој дел беше асфалтиран, наредното лето започна реконструкција на потегот од крстосницата со булеварот 8 Септември до мостот „Обединети нации”, во должина од околу два километри.

За среќа обновата на овој дел заврши за два месеца и притоа целосно се замени асфалтот на површина од околу 47.000 квадратни метри, а на автобуските стојалишта се изведе комплетно нова коловозна конструкција. Овој зафат го чинеше Град Скопје околу 69 милиони денари.

И сега, неколку години подоцна, асфалтот на булеварот е повторно оштетен, со пукнатини кои се решаваат со залевање. Се чини, граѓаните за некоја година одново ќе мора да трпат уште едно реконструирање на улицата, кое, кој знае, можеби ќе биде подолготрајно од претходното.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот