Основно јавно обвинителство - зграда / Фото: "Слободен печат" / Драган Митрески

На огласот за државен јавен обвинител се пријавиле четворица, рокот истекува на полноќ

До денеска вкупно четири пријави пристигнале на огласот објавен од Собранието за јавен обвинител на Македонија. Рокот за аплицирање согласно Законот, истекува денеска на полноќ.

Својата кандидатура за огласот за јавен обвинител на Македонија, досега ја потврди поранешниот претседател на Основниот суд Скопје Владимир Панчевски. Во пријавата на Панчевски поднесена на 21 јануари до Собранието се наведува дека тој ги исполнува сите законски услови за извршување на функцијата државен јавен обвинител.

-Во прилог до надлежните органи доставил целосна предлог-документација и докази за исполнување на општите услови утврдени во член 61 од Законот за Јавното обвинителство, како и докази за исполнување на посебните услови од член 62 став 1 алинеја 1 од овој закон – се наведува во пријавата од Панчевски до Собранието.

Пријавување за функцијата најави и поранешниот виш јавен обвинител на скопското Вишо јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи.

Љупчо Коцевски во декември лани поднесе неотповиклива оставка на функцијата државен јавен обвинител. До изборот на нов за вршител на должноста е избрана Анита Тополова-Исајловска, досегашен заменик-републички јавен обвинител.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Според Законот за јавно обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Влада. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавни обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот