Марко Пејчиновски / Фото: Фејсбук

На 10 години ми дијагностицираа ретка болест, не знам што ќе биде во следните десет: Емотивна исповед на пливачот Марко Пејчиновски

Емотивна исповед за својот живот имаше младиот пливач Марко Пејчиновски од Охрид, кој неколкупати го преплива Охридското Езеро. Тој дел од подвизите ѝ ги посвети на мајка му, која почина од канцер.

Тони, таткото на Марко, објави книга со сведоштво за неговата животна приказна, насловена „Во чекор со судбината“, а младиот пливач, кој вчера наполни 20 години, во видеото на Фејсбук го кажа следново:

– Не го сакам својот роденден, но годинава полнам 20 и тоа ме натера да се потсетам на сѐ што сум направил. Имав 10 години кога ми беше дијагностицирана ретка болест, 14 препливувања на Охридското Езеро, од кои најзначајни беа пливањето на 12 години и пливањето 64 километри. Некои од нив беа посветени на мајка ми и на децата со ретки болести. „Одисеја 2022“ е монографија за десетте пливања во таа година. 107 километри беше триатлонот што го завршив во последната тинејџерска година.

Толку многу работи се случија што се напиша книга уште пред да наполнам 20, „Во чекор со судбината“, сега достапна за нарачки. Не знам што ќе се случи во наредните десет, но ќе кажам едно – што и да е, нека е по Божјата волја“, рече Марко Пејчиновски.

За роденденот, тој си исполни голема желба. Се запозна со раперот Марко Маринковиќ-Слаткар и му ја подари книгата.
– Каква желба ми се оствари за роденденот. Од еден Марко до друг, ти благодарам што беше гласот на моето детство и за поддршката што ми ја пружи – напиша Марко на Фејсбук.

Во август лани, тој успешно го заврши својот модифициран „Ајронмен“ триатлон, кој беше во должина од вкупно 107 километри, а се состоеше од трчање, возење велосипед и пливање.

– Љубовта секогаш завршува со загуба. И тоа е цената. Сè што сакаш, еден ден ќе го изгубиш – напиша Марко на Фејсбук лани и објави видео од неговата покојна мајка, која го пречека на охридското пристаниште кога го преплива езерото во 2021 година, кога беше болна од канцер, а овој подвиг ѝ го посвети на неа.

– Тоа е една од лекциите што ги научив кога почина мајка ми. И тоа не ме направи тажен. Напротив, ме направи среќен. Можеби се прашувате: како? Или зошто? Бидејќи е потребна храброст за да сакаш некого. Да сакаш некого значи однапред да прифатиш дека еден ден ќе го изгубиш и тоа е реалноста – рече младиот пливач.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот