МЗТ со тројца македонски репрезентативци го комплетираше тимот за новата сезона

фото: EPA-EFE/Javier Cebollada

Со обнова на договорите со Бојан Крстевски (34 год, 208 см) и со Дамјан Робев (26 год, 195 см), како и со повторниот ангажман на Љубомир Младеновски (28 год, 210 см), МЗТ Скопје Аеродром го комплетираше тимот со кој во новата сезона ќе ја брани двојната круна во Македонија и ќе го нападне тронот во АБА2 лигата, а со тоа и враќањето во јадранската елита.

Од Крстевски, кој и петта година по ред ќе биде домашен бедем под кошевите, стручниот штаб на МЗТ Скопје очекува да биде лидер на теренот и надвор од него, како еден од најискусните во ростерот. Пред Робев, пак, е третата сезона во „сино-белиот дрес, во која од него се очекува максимално да ја искористи минутажата и да се наметне како еден од носителите на играта на тимот.

За Младеновски ова е втор камбек во таборот, во кој прво настапуваше во периодот помеѓу 2013 и 2017 година, а потоа и во сезоната 2018/19. Сите пет досегашни сезони во дресот на МЗТ ги круниса со шампионска титула, а сега доаѓа далеку поискусен, но и по потешка повреда, со цел да покаже дека сѐ уште може да игра на највисоко ниво и дека може да даде огромна помош во обидот да се остварат зацртаните цели на клубот.

фото: КК МЗТ Скопје Аеродром

Доаѓа од редовите на Пелистер, а претходно во два наврати играше за Работнички, а една сезона помина во словенечката екипа Илирија.

Македонската тројка го заокружи тимот од 12 кошаркари на кои ќе смета тренерот Васко Атанасов за претстојната сезона, меѓу кои се и браќата Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Андоновски, Марин Петков, Марко Миловановиќ, Србинот Душан Танасковиќ, Хрватот Марко Баковиќ и Американците Седрик Расел и Ејасу Ворку.

Дел од екипата ќе бидат и неколкумина од најталентираните млади кошаркари на МЗТ, предводени од Бојан Величковски, кои по потреба ќе бидат вклучувани во ростерот за средбите од домашните натпреварувања и АБА2-лигата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот