МЗТ Скопје Аеродром во дербито го „прегази“ Пелистер

Убедлива победа на МЗТ против најголемиот конкурент за титулата во најдобрата македонска кошаркарска лига, екипата на Пелистер (95:76) во вечерашниот дерби натпревар од петтото коло, одигран во салата „Јане Сандански“ – Скопје.
Аеродромци функционираа како швајцарски часовник, секој кошаркар одлично ја одигра својата улога, а тренерот на домаќините Александар Петровиќ маестрално диригираше од клупата.
Доказ за тоа е фактот што мечот беше израмнет само во првите три минути, по што со осум поени во низа „металците“ дојдоа до 15:7 и го најавија крајниот епилог.
Како одминуваше средбата, растеше предност на МЗТ, а потоа во финишот од втората и стартот од третата четвртина со серија 14:2 да стекне огромни „плус 21“ (58:37), со што ги урна сите надежи на битолчани дека би можеле повторно да изненадат во Аеродром.
Немања Милошевиќ со 17 поени и девет скока и Хуан Дејвис со 16 поени и пет скока беа првите имиња во победничкиот тим. На спротивната страна се истакна српскиот интернационалец Никола Малешевиќ со 17 поени (пет скокови).
Со овој триумф МЗТ се изедначи со Пелистер на врвот од суперлигашката табела со учинок 23-4, што најавува ептен возбудливи (по)следни пет кола и решавачки дуел во Битола, каде што речиси сигурно ќе се решава кој ќе го има стартниот број еден во плеј-офот.
Се одигра уште еден меч, Гостивар беше подобар од ТФТ со 92:85. Табела: Пелистер 50 бодови, МЗТ Скопје Аеродром 50, Еуро Никел 2005 43, Гостивар 42, ТФТ Скопје 42, Феникс 2010 41.