МЗТ Скопје Аеродром со двоцифрена разлика го освои Гостивар
И претпоследната суперлигашка пречка МЗТ успешно ја помина, овој пат на гости кај Гостивар (85:72). Домаќинот поради казна, немаше поддршка од навивачите односно се играше пред празни трибини.
Препорачано
Ова беше осми триумф во низа за „сино-белите“ од Аеродром, со кој му наметна притисок на Пелистер, единствениот ривал за првата стартна позиција пред плејофот. Битолчани сега мора да победат в четврток кај Еуро Никел доколку сакаат да остане во игра во борбата за врвот од табелата.
„Металците“ вечерва одиграа искусно и паметно, од почетокот го наметнаа својот ритам и со водство во најголем дел од средбата дојдоа до важните бодови.
Роберт Рикиќ и Војдан Стојановски беа најефикасни во победничкиот состав со по 16 поени, на кои хрватскиот центар додаде и 10 скокови.
За Гостивар српскиот интернационалец Никола Силаѓи имаше „дабл-дабл“ учинок од 25 поени и 11 скокови.
Последен ривал на МЗТ од суперлигашкиот дел од првенството е тимот на Пелистер, кај кого ќе гостува в недела (18.30 часот), додека Гостивар му гостува на ТФТ.
Табела: МЗТ Скопје Аеродром 58 бодови, Пелистер 55, Гостивар 48, ТФТ 48, Еуро Никел 47, Феникс 2010 45.


