Мурињо го блокира идеалното засилување на Барселона
Само два дена откако Барселона го означи искусниот Николас Отаменди како фудбалер што совршено се вклопува во профилот кој ѝ е потребен за продолжението на сезоната, пристигна и реакција од Португалија. Според пишувањата на „А Бола“, Жозе Мурињо нема намера среде сезона да остане без столбот на одбраната и веднаш ѝ се обратил на управата на клубот.
Препорачано
Португалскиот стратег побарал од раководството на Бенфика што побрзо да му го продолжи договорот на аргентинскиот дефанзивец, чиј актуелен договор истекува наредното лето. „Специјалниот“ не сака ни да помисли на зимска разделба со Отаменди, а претседателот на клубот Руи Кошта е свесен за значењето на 37-годишникот, што Мурињо повеќепати го истакнал.
Важен фактор во целата приказна е и тоа што Отаменди и неговото семејство се чувствуваат одлично во Лисабон. Дополнително, евентуален трансфер во Барселона би можел да биде ризичен од аспект на аргентинската репрезентација, имајќи предвид дека Светското првенство е на само шест месеци, а најверојатно ќе биде последно за дефанзивецот кој потекнува од Велез Сарсфилд.
За Барселона, ангажманот на дефанзивец оваа зима е императив, откако Андреас Кристенсен ги скина лигаментите во средината на декември, а ситуацијата со Роналд Араухо е прилично непредвидлива. Отаменди е сличен тип играч како Ињиго Мартинез, со кого каталонскиот клуб се раздели минатото лето, а како алтернативи се споменуваат Аксел Дисаси, кој нема простор во Челси, како и Маркос Сенеси, најдобриот стопер на Борнмут.
„Мундо Депортиво“ пишува дека Барселона има рок до 15 јануари да ѝ докаже на Медицинската комисија на Ла Лига дека повредата на Кристенсен бара подолга пауза, што би му овозможило на шампионот на Шпанија да искористи 80% од неговата плата за регистрација на нови играчи. Токму поради тоа Отаменди е означен како идеален кандидат, но Мурињо прави сè за да го блокира заминувањето на својот „војник“.


