Муцунски: Каква и да е одлуката на Уставен за Протоколот со Бугарија, нема да влијае на Преговарачката рамка
На денешната прес-конференција во Владата прашан што би се случило доколку Протоколот падне и што тоа ќе значи за односите со Бугарија и ЕУ, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски вели дека каква и да биде одлуката на Уставен суд, тоа нема да влијае врз реализација на стратешката цел, ниту пак ќе влијае на каков било начин врз содржината на Преговарачката рамка.
Препорачано
-По однос на нашите релации со ЕУ не мислам дека самата одлука на Уставниот суд, каква и да биде, ќе влијае по однос на тоа што го работиме во последниот период. Прво, нашата Влада докажува на дело дека е посветена кон процесот на европска интеграција и преку нашето дејствување на надворешно политички план, но и преку она што го правиме дома, рече Муцунски.
Во однос на тоа дали Протоколот со Бугарија може да биде прогласен за ништовен и дали може да се доведе во прашање и Договорот за добрососедство со Бугарија, Муцунски се воздржа од коментар бидејќи, како што вели, тоа некој може да се обиде да го толкува како влијание врз работата на Уставниот суд поради активната постапка што ја има отворено.
-По однос на нашите билатерални односи со Бугарија, не мислам дека самата постапка би требало да има какво било влијание врз нашите билатерални односи кои што во моментот, реални треба да бидеме, не ги живеат можеби своите најдобри денови, но јас тоа што ќе го кажам е дека како министер за надворешни работи, како и до овој момент, и од сега натаму ќе продолжам да повикувам на дијалог, ќе продолжам да повикувам да разговараме за големиот број на проекти кои што може да не обединат, изјави Муцунски.
Според Муцунски, по одредени прашања и во последниот период имало позитивни исчекори, како што е Коридорот 8, за кој вели дека е стратешки, безбедносно и економско-политички значаен.
-Треба да продолжиме да разговараме за такви теми, да ги надминуваме недоразбирањата кои што ги имаме меѓусебе, но да очекуваме, исто така, од нашиот сосед дека ќе се однесува европски, бидејќи е земја членка на ЕУ. По однос на сите оние значајни прашања од билатералните односи ќе се однесува европски, а не анти-европски, бидејќи за жал реториката која што ја гледаме во последните месеци, однесувањето во европските институции, кои што ги гледаме во последните месеци, не доликуваат на земја членка на ЕУ, но работиме и сакаме да работиме на подобрување на тие односи, изјави Муцунски.
Според него, државите споделуваат исти региони и секогаш покажувале солидарност кога е таа потребна и додаде дека не треба да дозволуваме „да сме обременети од прашања поврзани со историја, идентитет и јазик“.


