Норвешката принцеза Мете-Марит / Фото: Profimedia

Може ли принцезата Мете-Марит некогаш да биде кралица на Норвешка по скандалот со Епстин?

Годинешната прослава на 89. роденден на норвешкиот крал Харалд, најстариот владејачки монарх во Европа, ќе помине во сенка на двојна криза што го потресе кралското семејство. Судскиот процес против принцовиот посинок за силување и откритијата за дружењето на принцезата со починатиот сексуален престапник Џефри Епстин доведоа до пад на популарноста на монархијата и привлекоа невидено внимание од јавноста, пишува „Гардијан“.

Кралскиот посинок Мариус Борг Хојби, кој влезе во семејството во 2001 година со венчавката на неговата мајка Мете-Марит со престолонаследникот, во Осло се соочува со 38 точки од обвинението, вклучително и силување на четири жени.

Пред четири дена, на почетокот на судењето што ја заокупи Норвешка, Хојби се изјасни дека не е виновен по најтешките обвиненија за силување и семејно насилство.

Меѓутоа, делумно ја призна вината, што го дозволува норвешкиот закон, за тешкиот напад и безобѕирното однесување. Ги призна и помалите прекршоци, како пребрзо возење. Во исто време, принцезата Мете-Марит се најде под силен притисок поради откритијата за нејзината долгогодишна врска со Епстин.

Премиерот ја критикуваше принцезата

Принцезата планирала да ја напушти земјата за време на судењето на синот, но се предомислила откако во најновата серија документи поврзани со Епстин, објавени минатиот петок, нејзиното име било спомнато речиси 1.000 пати.

Во една електронска порака од 2012 година, таа го прашала Епстин дали е „непримерно мајка да предложи две голи жени со даска за сурфање како компјутерска позадина за својот 15-годишен син?“.

Овие откритија предизвикаа остри критики кон Мете-Марит, дури и од премиерот Јонас Гар Сторе, кој се согласи со нејзината оценка дека покажала „лоша проценка“ и ја повика да ѝ даде на јавноста повеќе информации.

Вчера Мете-Марит преку кралскиот двор објави изјава во која изрази „најдлабоко жалење поради пријателството со Џефри Епстин“ и се извини за „ситуацијата во која го доведов кралското семејство, а особено кралот и кралицата“.

Монархијата сè помалку популарна

Нејзиниот сопруг, престолонаследникот Хокон, им изјави на новинарите дека за неговото семејство „многу нешта се случуваат одеднаш“.

„Го поддржуваме Мариус во ситуацијата во која се наоѓа, мораме да се грижиме и за другите деца, а јас морам да се грижам и да ја чувам принцезата“, изјави тој. „За среќа, и таа се грижи за мене“, додаде.

Иако кралот Харалд и кралицата Соња и понатаму уживаат голема популарност, угледот на поширокото кралско семејство е сериозно нарушен. Анкета што оваа недела ја спроведе весникот „Афтенпостен“ покажа дека поддршката за монархијата во Норвешка паднала од 72 проценти во 2024 година на сегашните 54 проценти.

Дури три анкети покажале дека речиси половина од населението смета дека Мете-Марит повеќе не може да стане кралица кога Хокон ќе го наследи престолот. Ова е голем пресврт во однос на декември, кога јавноста изразуваше силна поддршка за принцезата, која боледува од белодробна фиброза, откако откри дека најверојатно ќе ѝ биде потребна трансплантација на бели дробови.

„Не најдов ниту еден претходен пример премиер на ваков начин да критикувал член на кралското семејство“

Сега некои од организациите на кои таа им е кралски покровител најавија дека размислуваат за прекин на соработката со неа. Кјетил Б. Алстадхајм, политички уредник на „Афтенпостен“, кој оваа недела објави текст со наслов „Може ли Мете-Марит по ова да стане кралица?“, смета дека откритијата поврзани со Епстин претставуваат најголема закана.

За разлика од Хојби, кој не е официјален член на семејството, Мете-Марит има централна улога во институцијата и нејзината иднина.

„Таа е личност која еден ден треба да биде кралица, и затоа ова е потешко“, рече тој. „Сè друго се споредни приказни. Тешки, но споредни, додека ова ја погодува семејството на најдиректен начин“, додаде.

Алстадхајм истакна дека одлуката на премиерот Сторе да ги коментира постапките на Мете-Марит е без преседан.

„Не најдов ниту еден претходен пример премиер на ваков начин да критикувал член на кралското семејство“, рече тој, додавајќи дека и повикот на премиерот принцезата да ѝ даде повеќе одговори на јавноста е крајно невообичаен.

Парламентот и понатаму ја поддржува монархијата

Кралското семејство и претходно се соочувало со скандали, од влегувањето на Мете-Марит во семејството како самохрана мајка до деловните активности на принцезата Марта Луиз, но настаните од последните недели се сосема друго ниво.

И покрај растот на републиканското расположение и невообичаената интервенција на премиерот, статусот на монархијата во норвешката политика не се променил. Пред четири дена во парламентот се одржа редовното четиригодишно гласање за преобразба на Норвешка во република.

Само 26 пратеници гласаа за укинување на монархијата, додека 141 беа против. Поддршката за републиката беше дури и помала отколку на претходното гласање во јуни 2022 година. Алстадхајм ваквиот исход го припишува на желбата на пратениците „на ова да гледаат подолгорочно, надвор од тековниот медиумски циклус“.

„Единствената личност што може да доделува и одзема кралски титули е кралот“

Вилде Хелјесен, новинарка на државната телевизија НРК, вели дека многу Норвежани чекаат одговори од Мете-Марит за целосниот обем на нејзиниот однос со Епстин.

„Таа изјави дека жали поради контактот со Епстин и дека требало подобро да ја истражи неговата позадина и се извини. Меѓутоа, неодамна објавените документи оставија нови прашања без одговор“, рече Хелјесен.

Во пракса, додаде таа, единствената личност што може да доделува и одзема кралски титули е кралот.

„Сè додека Мете-Марит е сопруга на престолонаследникот, еден ден ќе биде кралица или ќе ја носи титулата што кралот во тој момент ќе ја одреди. Тоа е формалност“, заклучи таа.

Синот на норвешката принцеза уапсен поради напад со нож во пресрет на судењето за силување

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот