МОН објави Конкурс за автори за новите учебници за седмо одделение

Министерство за образование и наука - табла / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за автори за новите учебници за седмо одделение, што ќе се користат од следната учебна година. Според објавениот конкурс, МОН очекува понуди за издавање по еден учебник за седмоодделенци за наставните предмети: Македонски јазик, Албански јазик, Српски јазик, Турски јазик, Босански јазик, Математика, Природни науки, Историја и општество и Албански јазик (изборен предмет) за седмо одделение и Албански јазик (јазик на заедницата) за петто одделение.

Надоместот за пренос на материјалното авторско право за секој од учебниците е во нето износ од 327.510 денари. Право на учество на Конкурсот имаат авторите кои ги исполнуваат условите пропишани со членот 10 од Законот за учебници за основно и средно образование.

Во објавениот Конкурс се наведени условите и начинот на учество, критериумите за избор на автори што ќе се пријават и документацијата што треба да биде поднесена. Рокот за доставување на ракописите за учебници ќе заврши на 15 јануари 2024.

До сите училишта во Скопје се доставени учебници, Шаќири апелира да не се доцни со наставните програми за следната учебна година

Бирото за развој на образованието, минатата недела го испочитува рокот и навреме ги достави наставните програми за 2024/2025 година за седмо одделение, кои ќе бидат изработени по новата Концепција за основно образование.

Оваа учебна година, доцнеа учебниците за шесто одделение, бидејќи БРО во март ги достави наставните програми. Министерот завчера посочи дека сега ќе има доволно долг период за учебниците за седмоодделенците во идната учебна година да се изработат и распределат навреме.

-Во минатиот период имавме проблеми, но сакаме да докажеме дека со навремени повици за автори ќе имаме долг период за изработка и печатење на учебниците за наредната учебна година, изјави завчера Шаќири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот