МОН ја префрли топката – Oпштините да си најдат решение за целодневната настава

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Одлуката за организирање на целодневна настава ја донесе Владата, но треба да се согледаат вистинските можности дали таа одлука може да се реализира, вели директорот на основното училиште Невена Георгиева -Дуња, во Кисела Вода, Хари Стојановски.

Најавената целодневна настава во училиштата се уште не се реализира. МОН, општините и директорите на училиштата бараат начин да излезат во пресрет на барањата на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат поделба на одделениејата во две групи, но без пречекорувања на бројот на часови на наставниците.

Првиот човек на Синдикатот за образование и наука Јаким Неделков вели дека решението на проблемот не е само во Министерството за образование, туку се префрла во локалната самоуправа и во директорите на училиштата.

-Иако изгледа дека можеби се префрла топката од еден на друг, сепак не е така. Од разговорите со министерката Мила Царовска произлезе дека општините и самите директори треба да изнајдат начин да ја реализираат целодневната настава. На наставниците ќе им биде понудено или да прифатат да работат дополнителни работни часови, за што ќе добијат паричен надоместок, или пак, ќе се ангажираат нови наставници, без конкурс, на три месеци, вработување кое што е овозможено со закон за итни и неодложни работи, објаснува Неделков.

Тој нагласува дека училиштата кои организираат целодневна настава треба до крајот на неделава веќе да ги примаат учениците, и да им овозможат престој.

Какви решенија ќе понудат градоначалниците и директорите на училиштата

Одлуката за организирање на целодневна настава ја донесе Владата, но треба да се согледаат вистинските можности дали таа одлука може да се реализира, вели директорот на основното училиште Невена Георгиева -Дуња, во Кисела Вода, Хари Стојановски.

-Во нашето училиште се соочуваме со пет големи проблеми. Строгите протоколи предвидуваат 20 ученика во одделение а во нашите паралелки се запишани поголем број на ученици, што значи ќе треба да се поделат во групи, но за да се изреализира таква поделба во Невена Георгиева Дуња нема доволен простор, бидејќи имаме само 20 училници, а девет одделенија, за кои се потребни 18 училници, но треба да се води сметка и за одржување на он лајн наставата. Друг проблем е и техничкиот песонал, треба да се исчистат просториите по секое одржување на наставата истовремено во сите училници. Исто така ни фалат и дополнителен број на наставници, се уште не знаеме дали Општината ќе ни дозволи да ангажираме дополнителен број на ученици. Утре имаме средба со градоначалникот по што ќе знаеме на кој начин ќе ги решаваме проблемите, за да можеме да ја организираме целодневната настава, рече Стојановски.

Во Карпош, има недостаток на 160 наставници кои ќе работат со децата во целодневна настава.

Раководителката на одделението за образование на Општина Карпош, Емилија Арсовска вели ги разгледуваат сите можности, но не најавува датум кога би можела да започне целодневната настава.

-Повеќе од 80 наставника ни требаат за едно одделение, но бидејќи одделениеја се големи, ќе ни требаат дупло повеќе за да ги поделиме децата во две групи. Училиштата немаат можност да ангажираат наставници, ги разгледуваме сите насоки, денеска имавме средби со директорите на училиштата кои ни доставија податоци околу просторните и човечки капацитети. Тие информации ние ќе ги доставиме до МОН и ќе чекаме насоки, вели Арсовска.

Целодневната настава во Центар ќе почне другата недела.

Потребата за дополнителен број на наставници ќе се надоместува со вклучување во наставниот процес на стручната служба, како педагот, психолог, и наставниците по физичко образование.

-Од денес се спроведува анкета помеѓу родителите, за да дознаеме каков е интересот за посета на целодневната настава, која всушност ќе биде организирана како продолжен престој, децата поголем дел од денот ќе го поминуваат надвор, ако дозволуваат временските услови. Во училиштата во Центар просторот не претставува проблем, бидејќи во нормални услови наставата се одвиваше само во прва смена. Ќе ги ангажираме наставниците по физичко образование, педагозите, психолозите и наставниците што работеа во дневен престој, а ќе ги ставиме во функција и кујните. Очекуваме после празникот односно од 13 до 15 октомври да почнеме со целодневна настава, вели Весна Михајлова Куковска, од секторот за образование во Општина Центар.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот