Момче убиено среде бел ден во Лондон, уапсени се тројца тинејџери
Четиринаесетгодишно момче е убиено со огнено оружје во Лондон, а полицијата поради сомнение за убиство уапсила тројца тинејџери. Момчето починало на местото на настанот во квартот Вулич на југоистокот од градот, пишува Скај њуз.
Препорачано
Метрополитен полицијата соопшти дека службениците биле повикани на улицата Лорд Ворвик вчера околу 15:40 часот. По пристигнувањето затекнале малолетник со прострелни рани, по што на местото бил прогласен за мртов. Двајца тинејџери на возраст од 14 и 16 години, како и 18-годишник, биле уапсени во текот на четвртокот и се наоѓаат во притвор. Од полицијата појаснија дека жртвата првично била заведена како неидентификуван маж, но подоцна било потврдено дека станува збор за 14-годишник.
Главната детективка Луси Кард, која ја води истрагата, изјави:
„Во мислите сме со семејството и блиските на починатото момче. „Свесни сме дека овој настан предизвика голема загриженост во локалната заедница. Веќе извршивме три апсења, а истрагата продолжува со полна брзина. На поширокото подрачје и понатаму има засилен полициски надзор. Апелирам до сите кои во тоа време се нашле на тоа подрачје и имаат снимки од надзорни или автомобилски камери, или каква било информација што може да помогне во истрагата, да ни се јават“, изјави Кард.
Ова е второ убиство во Лондон за помалку од една недела. Минатата сабота околу 23 часот Нахом Медхание (26) беше убиен додека седел во автомобил во близина на станицата Јустон во центарот на Лондон.


