Елена Петрова / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Мој ДДВ“ не го дал посакуваниот ефект, вели директорката на УЈП Петрова

Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, во гостување во емисијата „Топ тема“ на „Телма“ рече дека мерката „Мој ДДВ“ со која граѓаните кои скенираат фискални сметки добиваат поврат на дел од платениот данок на додадена вредност, „не го дала посакуваниот ефект“.

Петрова, сепак, вели дека не е разговарано за укинување на мерката.

„Не можам да кажам дека постои некаква таква одлука или намера за донесување на таква одлука. Меѓутоа, кога се работи за таква мерка за која се трошат јавни средства, секако дека треба да се погледне и да се разговара за ефикасноста на мерката и дали мерката ги дава целите заради кои што била воспоставена. Преку оваа мерка, на квартално ниво за 2025 година, се издвојуваат околу 14,5 милиони евра за, во просек, околу 502.000 корисници. И овој износ секоја година се зголемува во однос на претходните години. Се зголемува и бројот на корисници, но заради тоа што се зголемува и наплатата на приходот, во просек можеме да кажеме дека за оваа мерка се издвојуваат околу 4 проценти од годишната наплата на ДДВ приход или тоа е еквивалентно на приближно половина месечен ДДВ приход“, рече Петрова.

Таа вели дека мерката, која беше воведена во 2019 година, требало да доведе до намалување на сивата економија и секој граѓанин да го постави во улогата на даночен инспектор.

„Ако од тој аспект сакаме да ја процениме мерката, состојбите кои што ги гледаме на терен и состојбите кои што можеме да ги забележиме и внатре, врз основа на сите податоци со кои што располагаме, јасно водат до заклучок дека мерката не го дала посакуваниот ефект“, додаде Петрова.

Државата го проби рокот за исплата од „МојДДВ“, дел од луѓето што скенирале сметки останаа без пари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот