Државата го проби рокот за исплата од „МојДДВ“, дел од луѓето што скенирале сметки останаа без пари
Денеска истече рокот за исплата на парите од „Мој ДДВ“, а дел од граѓаните кои летово скенирале фискални сметки, не ги добија парите. Ваква ситуација, парите да бидат исплатени делумно и само на некои граѓани, досега не се случила од воведувањето на проектот со кој дел од парите дадени за даноци, директно се враќаат кај граѓаните.
Препорачано
Се работи за исплатата за последниот пресметковен период (јули, август и септември).
Во минатото, парите беа исплаќани најдоцна до 10-ти во месецот. По доаѓањето на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ, тој рок се продолжи до крај на месецот. Но, заклучно со денеска, кој е последен ден од работната недела, тој рок ќе се пробие. Управата за јавни приходи (УЈП) денеска соопшти дека заклучно со вчера, исплатени се 552 милиони денари кон граѓаните по основ на „МојДДВ“, а налозите за дополнителни 370 милиони денари, наводно, се веќе подготвени.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, посочи само дека кај некои граѓани може да има застои поради технички причини, како невалидна трансакциска сметка. Но, парите не ги добија и многу граѓани кои немаат проблем со трансакциските сметки и редовно ја ажурираат апликацијата.
Исплатата на средствата за скенирани фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ се врши во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот. За третиот квартал (јули–септември), законскиот рок до кога треба да се изврши исплатата е до 30 ноември 2025 година.
Максималната сума која се исплаќа е 2.100 денари.


