Митрашиновиќ пред дуелот со БиХ: Наше е да се обидеме да победиме во Сараево

фото: kfsm.mk

Капитенот на македонската женска сениорска кошаркарска репрезентација не се откажува од потенцијално изненадување на гостувањето во главниот град на Босна и Херцеговина. Овој натпревар ќе се игра во четврток од 20.00 часот во салата „Сабит Хаџиќ“.

Анџелика Митрашиновиќ е повторно дел од националниот тим, и ќе ги предводи нашите најдобри кошаркарки во третиот, и последен квалификациски „прозорец“ на ФИБА преку кој се стигнува до место кое води на Евробаскетот во 2023 година кој ќе се игра во Израел, односно Словенија.

Кошаркарката на Монтана повторно потенцира еден важен момент од кој оваа селекција никако не може да „побегне“ – некомплетен ростер.

– Последен циклус од квалификациите за Европското првенство 2023, а старите болки остануваат. И овој циклус го дочекавме некомплетирани, за жал немавме, и немаме среќа да се собереме сите заедно за квалификациите, и макар сега во комплетен состав да се обидеме и на овие последни два натпревари да победиме, макар на еден – вели нашата најдобра кошаркарка во овој момент.

И покрај отсуството на неколку важни играчи, во преден план, Мерит Хемпе, Митрашиновиќ дојде во Сараево во оптимистичко расположение. Смета дека дуелот со Босанките е шанса да ја (по)бараме првата победа во овој циклус.

– Што е тука е, наше е да го завршиме овој квалификациски циклус на најдобар можен начин, па зошто не и со победа? Шансата ја гледаме во дуелот со Босна и Херцеговина, која за разлика од првиот „прозорец“ е далеку ослабена и подмладена. Но, никако не смееме да ги потцениме. Дел од играчите кои беа носители на Европското првенство се уште се тука, а квалитетот на босанската репрезентација ни е секако добро познат. Иако можеби се подмладени, имаат голем квалитет. Како и да е, се надевам на добра игра и позитивен резултат – се зборовите на Митрашиновиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот