Ставил мравки на десертот, па го уапсиле – Мишелин-готвач се соочува со можна затворска казна
Сопственик на ресторан со две Мишелин ѕвезди во Сеул се соочува со можна затворска казна и парична глоба откако во својот ресторан служел десерт сорбе наросено со мравки, пишува „Вајс“.
Препорачано
Случајот предизвика внимание бидејќи гостите знаеле што нарачуваат – мравките биле наведени во менито и никој не бил доведен во заблуда. Проблемот, според обвинителството, е што во Јужна Кореја постојат строги правила за тоа кои видови инсекти смеат да се користат како храна.
Според пишувањата на британскиот весник „Гардијан“, обвинителите бараат едногодишна затворска казна и парична глоба од 20 милиони вони за сопственикот на ресторанот, поради наводно кршење на прописите. Случајот се однесува на послужување на десертот со мравки, што според обвинителството се случувало од 2021 година.

Не станувало збор за обични мравки
Мравките што биле користени не биле собрани случајно, туку станувало збор за специјално увезени јадливи мравки од САД и Тајланд, кои се продаваат како гурмански производ.
Готвачот ги користел поради нивниот природно киселкаст вкус, кој го сметал за интересен додаток во десертот. Според неговите изјави, тој претходно работел со вакви состојки во Европа и САД и не знаел дека нивната употреба не е дозволена во Јужна Кореја.
Гостите знаеле дека јадат мравки
Ресторанот тврди дека мравките биле јасно наведени во менито и дека околу 60 отсто од гостите што го нарачале десертот свесно избрале додаток со мравки.
Сепак, јужнокорејскиот Закон за безбедност на храната дозволува употреба само на 10 видови инсекти за човечка исхрана, меѓу кои се свилени буби, брашнени црви и скакулци. Мравките не се на официјалната листа.
Рестораните можат да побараат посебно одобрение за користење инсекти кои не се дозволени, но според властите, овој ресторан не поднел такво барање.
Служени илјадници десерти со спорната состојка
Обвинителството тврди дека во повеќе од 12.000 десерти биле послужени околу 49.000 мравки, при што ресторанот заработил околу 120 милиони вони.
Владините инспектори дополнително посочиле дека дел од увезените мравки имале нивоа на тешки метали над дозволените граници за инсекти кои се одобрени за консумирање.
Името на готвачот и ресторанот не било официјално објавено од јужнокорејските власти.


