Мицкоски - Филков

Мицкоски вели дека е во шок и неверување што запре предметот за мазутот, Филков бара случајот да се преиспита

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е „шокиран“ од одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја запре истрагата за случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино и очекува нејзино преиспитување.

Во овој случај се опфатени поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски (кој избега во Австралија), како и бизнисменот и некогашен функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, меѓу другите. Тие, според првично објавените наводи на Обвинителството, биле вмешани во злоупотреби при набавката на огромни количества мазут за потребите на државата.

Но, вчера обвинителката Катерина Коларевиќ, која по 14 месеци истрага го затвори предметот, рече дека државата не била оштетена со спорните набавки, односно дека тие воопшто и не биле спорни.

– Со неверување ја слушнав таа вест. Второ, бев шокиран од тоа што го слушнав. Добро е што АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, кога ќе ја добие одлуката ќе вложи жалба. И очекувам дека случајот ќе биде вратен на преразгледување и повторна анализа. Затоа што ако тоа не се случи, Обвинителството за гонење на организиран криминал дефинитивно го губи својот кредибилитет – рече Мицкоски.

Савески не бил консултиран за затворањето на истрагата за мазутот

За шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, премиерот рече дека „јавноста знае за каков обвинител станува збор“.

Обвинителката Коларевиќ вчера рече и дека државата потрошила повеќе од 50 илјади евра на овој случај, но дека едноставно немало докази за да поднесе обвинение.

Министерот за правда, Игор Филков, исто така остро реагираше на одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, оценувајќи дека таа претставува сериозен удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем.

„Како министер за правда, сметам дека оваа одлука мора итно да биде преиспитана. Очекувам целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука“, рече Филков.

Тој побара и Совет на јавни обвинители и надлежните институции да го отворат прашањето за одговорноста на Ислам Абази.

„Ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, рече министерот.

Пропадна предметот со Капушевски и Јахоски за мазутот — „не се утврдени злоупотреби“, вели Обвинителството

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот