Мицкоски: Вечни експерти нè доведоа до два отсто доверба во судството
Партијата ЗНАМ в понеделник ќе соопшти дали ќе го поддржи премиерот Мицкоски во неговата решеност да ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а од Вреди велат дека ќе продолжат да го следат развојот на ситуацијата и да се ангажираат конструктивно за да се обезбеди владеење на правото и враќање на довербата на граѓаните во правосудството
Владата од септември поинтензивно ќе се занимава со предизборното ветување за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, што е дел и од владината програма 2024-2028, која заедно со ВМРО-ДПМНЕ треба да ја исполнат и владините партнери Вреди и ЗНАМ. Премиерот Христијан Мицкоски и денеска ги замоли домашните и странските експерти да му достават предлози како поинаку да се врати довербата на граѓаните во правосудните органи, која сега е практично непостоечка, со само два отсто. Ако до крајот на месецот не добие предлози што да се прави со двата совета, ќе следуваат активности за нивно распуштање.
Зборувајќи на оваа тема, премиерот Мицкоски нагласи дека имаат речиси двотретинско мнозинство во Собранието.
– Ова што се случува, кажува дека се потребни промени. Имаат само два проценти доверба од граѓаните. Кој таму носи одлуки, како се носат одлуки, зошто некој бега, сето ова е уште една причина конечно да почнеме со реформите во судско-обвинителскиот систем и затоа очекуваме идеи до крајот на овој месец, а понатаму ние како влада ќе преземеме мерки и ќе ги реализираме реформите за кои нас нè гласаа граѓаните – рече вчера Мицкоски одговарајќи на прашање во врска со бегството на поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани.
За Рамадани, Србија бара екстрадиција поради воени злосторства на Косово, а Кривичниот суд наместо во екстрадициски притвор му дозволил да седи во куќен притвор, и тоа кај роднини, затоа што нема адреса во Македонија.
Мицкоски додаде дека на народот му е преку глава да се чувствува како граѓанин од втор ред во својата држава затоа што неколкумина криминалци мислат дека се над законот, а тоа им го овозможуваат судскиот и обвинителскиот совет, „затоа што се таму благодарение на тие неколкумина политички криминалци и вистински криминалци“.
– Системот почнува од тие неколкумина, сите ги знаеме кои се тие во правосудството што се корумпирани и не е во ред да се правиме при очи слепи заради идните генерации што доаѓаат. Јас сум подготвен да разговарам со секој што има некаква идеја. Само да не ми се појавуваат вечните експерти чиишто презимиња потоа случајно се појавуваат како нови членови на Судскиот совет. Ги знам методите на таквите вечни експерти, тие нè доведоа до овие два проценти – рече премиерот Мицкоски.
Последниот скандал со избеганиот Рамадани само ја дополнува лошата слика за правосудните органи. Доскорешните високи претставници, сега докажани криминалци, врховниот судија Наќе Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети признаа дека зеле мито за да влијаат во предмет и се спогодиле со Јавното обвинителство – првиот за да оди во затвор без судење, а вториот за да не оди во затвор, туку да добие само условна казна!
ЗНАМ уште не го знаат својот став за Судскиот совет
Претседателот на партијата ЗНАМ Максим Димитриевски, на прашањето на „Слободен печат“ кој е нивниот став за распуштањето на двата совети најави дека во понеделник ќе го кажат официјално, а ќе го изнесе министерот за правда Игор Филков, кој е од редовите на оваа партија.
Минатиот месец министерот Филков соопшти дека е следува широка дебата во јавноста во врска со измените на законот за Судскиот совет, кој беше изработен од работна група формирана од Министерстовто за правда, а во кој се вметнати препораките на Оценската мисија на ЕУ која лани ја скенираше состојбата во Судскиот совет. Филков тогаш ја поздрави изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир, кој посочи дека распуштањето на судскиот и обвинителскиот совет е мешање во судството и ќе предизвика сериозна загриженост, но останува да се види дали најавата од Димитриевски за официјален партиски став на ЗНАМ во понеделник значи промена на оваа позиција.
Арбен Фетаи, вицепремиерот за политики и добро владеење, кој е од редовите на коалицијата „Вреди“, коментирајќи го скандалот со Иџет Мемети на Фејсбук порача дека има потреба од коренити реформи, „за да нема место за обвинители од овој тип“.
– Мемети се спогоди за условна казна затвор од една година и забрана за вршење на професија, дејност или должност на службено лице во период од три години за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание. Спогодбата на Мемети со ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, предводено од Ислам Абази, е шокантна и единствено добро нешто од сето тоа е што некое време Мемети нема да прима мито додека му трае суспензијата. Обвинителот на ДУИ, Ислам Абази, побарал условна казна од една година за другиот обвинител на ДУИ, Иџет Мемети, кој беше фатен како прима поткуп од 10.000 евра за да влијае на намалување на казната на политичар обвинет за трговија со дрога. Затоа сме во ситуација кога само два отсто од граѓаните веруваат во правосудниот систем. Обвинителството и судството имаат потреба од коренити реформи, ветинг и нов почеток, каде веќе нема да има место за обвинители од ваков тип, корумпирани и под влијание на политиката и наркокартелите – порача вицепремиерот Фетаи.
Георгиев и Мемети признаа дека се митаџии
Од Коалицијата Вреди на прашањето на „Слободен печат“ дали се согласуваат со распуштање на судскиот и обвинителскиот совет велат дека секоја промена треба да е во согласност со високите стандарди на интегритет и ефикасност.
– Коалицијата е посветена на зајакнувањето на институциите на правдата и зачувувањето на интегритетот на судскиот систем. Ние веруваме дека секоја реформа што има цел да го подобри системот на правдата треба да биде базирана на целосна и транспарентна анализа на потребите и предизвиците со кои се соочува овој систем. ВЛЕН е ангажирана за отворен и инклузивен процес за да се осигури дека секоја промена во структурата на институциите на правдата е во согласност со високите стандарди на интегритет и ефикасност. Ние сме посветени на поддршка на реформи кои придонесуваат за зајакнување на владеењето на правото и за подобрување на довербата на граѓаните во судскиот систем. Коалицијата ВЛЕН ќе продолжи да го следи развојот на ситуацијата и да се ангажира конструктивно за да се осигури дека секоја реформа е во интерес на граѓаните и на системот на правдата во целина – велат од „Вреди“.
ЈО вчера информираше дека Иџет Мемети ја признал вината за примање поткуп и се спогодил со ОЈОГОКК да му биде изречена условна осуда на една година затвор, која нема да се спроведе ако во наредните три години не стори ново кривично дело, да поднесе оставка од Советот на обвинители и да му се изрече забрана за вршење професија во следните три години. Во истиот случај е осомничен и врховниот судија Наќе Георгиев, кој лани беше избран за член на Судскиот совет, но поднесе оставка за да може син му да биде избран за судија. ОЈОГОКК информира дека и Георгиев побарал спогодба, и тоа е во тек, затоа што нему му е запретена казна затвор од една до десет години, а со спогодбата ќе се утврди затворска казна без судење.
Кривичниот суд денеска ја прифати спогодбата и го осуди Георгиев на казна затвор од три години. Тој доби тригодишна за забрана за вршење на дејноста и треба да врати 15.000 евра кои ги зел за мито.