Мицкоски ги нарече „политички глодари“ сите што се ситат на здравјето на Лукровски
Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли тврдењата дека градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, поднел оставка, наведувајќи дека тој во моментов е на боледување поради здравствени проблеми.
Препорачано
Одговарајќи на новинарско прашање, по обвинувањата од СДСМ и изјавите на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, Мицкоски рече дека Општина Карпош има законски избран заменик-градоначалник, кој привремено ги извршува надлежностите додека Лукровски е отсутен.
„Не знам од каде ви е заклучокот дека градоначалникот на Карпош дал оставка, градоначалникот е на боледување. Моментално имаме законски избран заменик- градоначалник, кој го заменува додека е на боледување“, рече Мицкоски.
Премиерот потврди дека станува збор за здравствени проблеми, но не сакаше да открива детали за состојбата на градоначалникот.
„Поради одредени здравствени проблеми… Иако имаше такви политички глодари кои излегоа и се ситеа на здравствената состојба на тој човек. Јас нема да ги коментирам тие политички глодари“, изјави Мицкоски.
Тој му посака брзо закрепнување на Лукровски и изрази очекување дека градоначалникот наскоро ќе се врати на функцијата.
„Посакувам брзо опоравување на градоначалникот и побрзо да се врати. А до тогаш, ќе го заменува заменик-градоначалникот. За здравствената состојба ниту сум овластен ниту сакам да ја коментирам“, додаде премиерот.
Од СДСМ Карпош претходно обвинија дека Лукровски се повлекува од функцијата поради, како што тврдат, несогласувања и сомнежи поврзани со работењето на општината.
Поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, пак, тврдеше дека не станува збор за боледување, туку за „бегство од Карпош“. Тој посочи на обиди за промени во Централниот регистар, потписници во Трезор и раздолжување на службено возило.


