Фото: EPA-EFE/ROBIN UTRECHT

„Ми го парализираа животот преку ноќ“ – судијка открива како изгледа живот под американски санкции

Канадската судијка на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Кимберли Прост, јавно проговори за последиците од американските санкции со кои се соочи поради нејзината улога во одобрувањето истраги за можни воени злосторства. Во интервју за The Irish Times, таа опиша како санкциите ѝ го превртеле секојдневието и, според неа, претставуваат директен напад врз независноста на меѓународното судство.

Прост раскажа дека минатото лето, по враќањето во својот дом во Хаг, сфатила дека нејзината сметка на „Амазон“ е затворена и дека нејзината виртуелна асистентка „Алекса“ престанала да функционира. Причината била тоа што САД ја ставиле на списокот со санкции, поради одлука од 2020 година со која беше одобрена истрага за наводни воени злосторства во Авганистан, вклучително и оние поврзани со американски војници и ЦИА.

Според судијката, санкциите имале далекусежни последици. Таа веднаш ги изгубила кредитните картички, имала сериозни проблеми со банкарски трансфери, а онлајн купувањето и резервациите за патувања станале речиси невозможни.

„Кога сите тие мали нешта ќе се соберат, ефектот е парализирачки“, изјави Прост, додавајќи дека средствата во САД ѝ биле замрзнати, а на колешка од судот ѝ била одземена визата на ќерката.

САД во 2025 година санкционираа вкупно шест судии на МКС, главниот обвинител и двајца негови заменици. Како причина беше наведена нивната улога во истрагата за Авганистан и во издавањето налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради наводни воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека МКС претставува „невообичаена и вонредна закана“ за националната безбедност и надворешната политика на САД, додека Стејт департментот го обвини судот за „правна војна“ и нарушување на американскиот суверенитет. САД и Израел не ја признаваат надлежноста на МКС, бидејќи не се потписнички на Римскиот статут.

Прост, која има долга кариера како обвинител за геноцид и воени злосторства и учествувала во пресудите за Сребреница во Хашкиот трибунал, ја оцени ситуацијата како иронична. Таа претходно била и омбудсман на ОН за санкции против Ал Каеда.

„Сега одеднаш сте на истата листа со терористи и кршители на човекови права. Тоа е надреално“, рече таа.

И покрај притисоците, Прост нагласува дека судот мора да остане независен и дека не смее да се создаде впечаток дека моќните држави се изземени од одговорност.

„Правдата мора да важи за сите. Тоа е основен императив“, порача таа, додавајќи дека јавното говорење е начин да се заштити интегритетот на Меѓународниот кривичен суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот