Мерките ќе се „штелуваат“ според силата на епидемијата

Скопје, откомври 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Откако се укинаа некои од мерките, ќе имаме попретпазлив пристап и ќе следиме како ќе се шири вирусот за да избегнеме скок во бројот на хоспитализации и нови случаи – вели д-р Мехмедовиќ.

Комисијата за заразни болести со нова методологија, слична на таа на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, ќе мери колку брзо се шири коронавирусот во земјава, односно дали има висок, среден или низок ризик од трансмисија. Целта на оваа методологија е да се димензионираат превентивните мерки, меѓу кои носењето маски и употребата на вакцинални сертификати, во согласност со актуелната епидемиолошка состојба.

Портпаролот на Комисијата доктор Злате Мехмедовиќ за „Слободен печат“ вели дека новата методологија ќе биде готова следната недела.

– Сакаме да избегнеме сценарија како во Австрија и во Данска, на пример, каде што се зголемува бројот на позитивни и хоспитализирани случаи. Не сакаме да го оптоваруваме нашиот здравствен систем, па затоа ќе воведеме нова методологија, со која ќе ја проценуваме преносливоста на вирусот и неговата опасност. Методологијата очекувам да ја имаме следната недела и базирано на неа ќе носиме внимателни и издржани мерки. Откако се укинаа некои од мерките, ќе имаме попретпазлив пристап и ќе следиме како ќе се шири вирусот за да избегнеме скок во бројот на хоспитализации и нови случаи – вели д-р Мехмедовиќ.

Тој појаснува дека и понатаму Министерството за здравство ќе објавува дневни извештаи за тоа колку лица се заразени, колку починати и колку хоспитализирани како последица на ковид-19, но дека се воведува и дополнителна алатка што се користи во САД за да се процени брзината на ширење на вирусот. Пресметката се прави врз основа на бројот на новооткриени случаи во последните 7 дена на 100 илјади жители, број на хоспитализации во последните 7 дена на 100 илјади жители и процентот на исполнетост на здравствени капацитети во последните 7 дена.

Методологијата е дадена на разгледување во Министерството за здравство, можно е да биде адаптирана за наши услови. Предлогот е според овие параметри епидемиолошкиот ризик да биде класифициран како низок, среден или висок, а за секоја од тие состојби се предвидува пакет мерки на индивидуално и на  општествено ниво, велат од МЗ за „Слободен печат“.

Д-р Мехмедовиќ вели дека бројките на новозаразени и на хоспитализирани опаѓаат, репродукцискиот број е 0.73, што значи дека овој актуелен бран на епидемијата полека одминува.

– Доколку внимателно ги релаксираме мерките, нема да ни се случи да имаме нагло зголемување на бројот на заразени и хоспитализирани. Затоа не избрзуваме и не донесовме нови мерки оваа недела. Во средата ги затворивме ковид-центрите на нервно и на кожно и целта е да се вратат клиниките во нормален систем на функционирање. Затоа внимателно се олабавуваат мерките – додава д-р Мехмедовиќ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот