Мерки на грчката Влада за поддршка на туристичките бизниси погодени од банкротот на „Томас Кук”

По банкротот на британскиот туроператор „Томас Кук”, грчката Влада презема низа мерки за поддршка на грчките туристички компании и вработените во нив, за зајакнување на ликвидноста и за даночни олеснувања на бизнисите.

Како што соопштуваат од Министерството за туризам на Грција, мерките биле донесени по состанокот во Министерството за финансии и во соработка со министерствата за труд и развој.

За работниците кои ќе бидат предвреме отпуштени од работа од компаниите што соработувале со „Томас Кук” предвидени се олеснувања, а Заводот за вработување ќе активира специјална програма за поддршка на компаниите за да нема отпуштања од работа.

Сѐ со цел да се зајакне ликвидноста на погодените бизниси, рокот за плаќање на ДДВ-то ќе биде продолжен за шест месеци за компаниите кои над 25 отсто од приходот го добиваат од клиенти на британскиот туроператор, додека, пак, за оние што имаат земено кредити, планирани се поволни регулативи.

Исто така, се разгледуваат и можностите за воведување даночни олеснувања за компаниите што соработувале со „Томас Кук” во однос на оданочувањето на приходите за 2019.

– Владата и Министерството за туризам уште од првиот момент побрзаа да се справат со последиците од непријатната разврска со банкротот на „Томас Кук”, како за заглавените туристи, така и за засегнатите работници и бизниси, соопштуваат од Министерството за туризам на Грција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот