Меката моќ на лажните вести го притиска регионот

Дизинформациите имаат наратив да ја замаглуваат вистината во очите на граѓаните а уште поголем проблем е нивната мека моќ да предизвикаат далековидни последици кон Македонија и регионот кои тешко може да се превенираат а истовремено носат штета на демократијата, правото на информирање и општествената согласност.

Во ерата на социјалните мрежи, информациите се шират брзо и лесно, но со нив доаѓа и опасноста од продирот на лажни вести и дезинформации во сите свери од општествата во регионот и светот. Балканот, вклучувајќи ја Македонија, не е иземен од овој глобален предизвик. Овие несакани општествени случувања кои го дефокусираат просечниот граѓанин од регионот истовремено и ги размрдуваат општествата, во најголема мера се шират преку социјалните мрежи.

Токму затоа вредно за спомнување е вознемирувачката информација која вели дека социјалната мрежа Твитер се повлекла од доброволниот кодекс на Европската Унија (ЕУ) за борба против дезинформациите. 

Веста ја објави комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, кој ја предупреди компанијата на Илон Маск дека ќе мора да ги почитува новите закони, пренесува Би-Би-Си.

„Обврските остануваат. Можете да бегате, но не можете да се скриете“, напиша Бретон на Твитер.

Колку навистина се проблематични дезинформациите кои се шират од социјалните мрежи за државата сведочат и податоците публикувани од страна на истражувањето на оваа тема од страна на Глобалниот Индекс за Дезинформации – ГДИ, Македонија на глобално ниво се соочува со сериозни предизвици во борбата против дезинформациите кои влијаат на демократските процеси и медиумската екосистема во земјата.

Американската организација во своето истражување кое не ги рангира држаивте на скалила како во слични вакви публикации нотира дека Македонија е подложно тло за дизинформации поради функционирањето на медиумскиот еко систем кој во најголем дел е составен од ниско професионални медиуми кои имаат економски потешкотии да егизстираат на пазарот.  Дополнително пубикацијата истакнува и дека ниското ниво на општествена свест за проблемот допринесува Македонија на голема врата да биде погодена од овој глобален феномен кој во висока и негативна мера влијае на политичките и општествени процеси кои се одигруваат во земјата.

Во документот Глобалниот Индекс за Дезинформаци вели и дека земјата се соочува и со проблем на превенција на дезинформациите, оти државните регулативи за борба со настаните имаат слаб ефект во подобрување на состојбите. 

Од друга страна слични податоци на оваа тема истакнува и истражувањето на организацијата „Репортери без граници“ која годинава ја рангира Македонија на 38-то место од вкупно 180 земји во светот според Глобалниот индекс за слободата на медиумите.
Тоа е скок од 19 места во однос на 2022 година и напредок од 52 места во споредба од пред две години.

„Репортери без граници“ сепак во својот документ за земјата, наведуваат дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите.

Во своја изјава на оваа тема Јозеф Холнбургер, директор на германскиот непрофитен центар за мониторинг, анализа и стратегија, смета дека постарите генерации на граѓани во Европа се подложни да бидат жртви на лажни вести и дезинфорамции за разлика од младите и средновечните лица. 

Според него таканаречените „дигитални староседелци“, односно оние што пораснале со посилни медиумски вештини, можат да разговараат со постарите членови на семејството за можните ризици од користењето интернет.

Во меѓувреме, експертите од оваа област се согласуваат дека битката со дезинформациите е тешка но досега се направени клучни чекори за создавање услови за практикување на стандардите и принципите за професионална работа на новинарите и медиумите. Секако, има уште доста да се работи на тој план, вклучувајќи и на полето на проверката на фактите и медиумската писменост, а токму тоа е улогата на професионалното новинарство.

Професионалните македонски медиуми преку нивните уредувачки колегиуми и својот професионален кадар, кои го практикуваат Кодексот на новинарите, секојдневно вршат кристализација на гласот на јавноста, на гласот на граѓаните, се храбар граѓански опсерватор на вистинските факти и коректор на јавните политики. 

Затоа, секоја држава има национален интерес во името на граѓаните да ја поттикне седмата сила (медиумите) и да создаде услови токму медиумите да бидат силен фактор за општествен просперитет, дијагностицирање и анализа на појавите или проблемите и нудење решенија во интерес на граѓаните.

Таквиот вид инклузивно новинарство е и новиот тренд на седмата сила, кое се потпира на професионалност, вистинитост, детална опсервација и проверка на фактите, стручна анализа и заклучоци. 

Токму таков новинарски приод практикува и првиот македонски дневен весник, со децениска традиција и наталожено искуство.Таквиот вид инклузивно новинарство е и новиот тренд на седмата сила, кое се потпира на професионалност, вистинитост, детална опсервација и проверка на фактите, стручна анализа и заклучоци.

Милан Стефановски аналитичар вели аналитичар вели дека ако нешто често споменуваш, значи дека веруваш во тоа. Тој во изјава за „Слободен печат“ вели дека во секое предизборие во секоја земја на Балканот, секако, се зголемува бројот на лажните вести исто како што се зголемува и генерално бројот на вестите, бројот на настапите на политичарите, а паралелно со тоа имаме и многу манипулации и спинови.

–Оваа појава е нормален процес и не е некаква новина ниту за нас ниту за другите држави во светот. Лажните вести или неточните ги имало секогаш во историјата и ќе ги има, така што битката со нив ќе продолжи. Проблемот е во нивното решавање, кое, пак, зависи од самите новинари и преземањето на овие информации и понатамошно нивно пласирање на јавноста – вели Стефановски.

Познавачот на состојбите во исто време и не очекува многу од новинарите, бидејќи, како што вели, тие досега покажале дека не се спротивставиле на многу работи што ги засегале и лично, како притисоците во нивната работа или лошите услови во кои работат.

– Голема е веројатноста и новинарите да имаат потешкотии да ги запазат основните принципи на новинарството и етиката и нема да се спротивстават на пласманот на овие информации во јавноста, кои, пак, доаѓаат од одредени центри за одредена намена. Додека таа битка не се избори на повисоко ниво, ваквиот феномен тешко дека ќе може да исчезне, особено во овој период на Интернет, кога сите информации му се достапни секому – заклучува Стефановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот