Меџити рече дека Таравари бил „министер за марихуана“, Таравари најави дека ќе го тужи
Чаирскиот градоначалник и еден од лидерите на партиите во коалицијата „Вреди“, која е дел од власта, Изет Меџити, синоќа во гостување во поткаст на „Лајм“ рече дека ривалот и поранешен партнер од „Вреди“, Арбен Таравари, бил „министер за канабис“ додека ја извршуваше функцијата министер за здравство, поради тоа што потпишал седум лиценци за производство на канабис за медицински цели. Таравари на ова одговори со најава за тужба против Меџити.
Препорачано
Меџити, зборувајќи за обвинувањата од Таравари во врска со случајот за компанијата „Ѓока констракшн“, која требаше да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар во Скопје, се надоврза на акцијата што изминатиот период се спроведуваше, а во која се запленети над 40 тони марихуана од повеќе фабрики за марихуана, но досега никој не е уапсен.
„Денеска имаме тема за канабис, па затоа е добро јавноста да знае дека тој (Таравари, н.з.), во својство на министер за здравство, за четири-пет месеци, за седум месеци, потпишал седум лиценци за одгледување на канабис. Значи, тој не беше министер за здравство, туку министер за канабис, министер за марихуана. Со тоа, тој го донесе подземјето на регионот на Македонија, а денес ги гледаме политиките што тогаш ги спроведуваше“, рече Меџити.
Таравари преку „Фејсбук“ најави дека ќе поднесе тужба доколку Меџити не му се извини.
„Немам друг начин, освен правен, за да одговорам на сериозните клевети што повторно се упатени кон мене. Така, господинот Меџити рече дека во мое време сум издал седум лиценци за одгледување канабис и ме нарече министер за канабис. Ќе поднесам тужба за клевета и ќе ја повлечам само ако ми упати јавно извинување“, напиша Таравари на „Фејсбук“.
Таравари беше министер за здравство од јуни 2024 до мај 2025 година, кога ја напушти коалицијата „Вреди“ и на локалните избори настапи во коалиција со ДУИ.


