Марко Алексовски: Имам желба да играм на Грен слем турнири
Новата календарска година значи и нов почеток на сезоната во тенискиот свет. Тоа не важи само за сениорите, туку и за најмладите. Македонскиот тенис минатата година имаше успешен претставник во младинска конкуренција.
Препорачано
Тоа беше Марко Алексовски, кој сезоната во конкуренција на тенисери до 14 години ја заврши на 10 место, а до 16 години ја заврши на 25 место. Марче, како што и го викаат најблиските со тенисот е веќе девет години. Македонската тениска федерација направи интервју со големата тениска и спортска надеж.
Зошто го одбра тенисот како спорт и на која возраст почна да тренираш?
– Тенис започнав да играм (тренирам) на 5 години, сега имам 14 години (следниот месец Марче ќе наполни 15). Едноставно се заљубив во овој спорт.
Колку пати во денот тренираш, а колку во неделата?
– Во текот на денот тренирам меѓу 4-5 часа, а имам одмор во недела или еден ден во неделата како и секој спортист. За време на турнири секогаш имам загревање пред меч 30-40 минути. Да почувствувам удар, да се подготвам да одиграм најдобро, да се прилагодам и секако да потрудам да победам. Во зависност од одиграниот меч, некогаш ми е потребен ми е подолг одмор. Ако немам друг меч, а одиграниот бил полесен може да направам уште еден лесен тренинг.
Ланската година (2025 година) може да се каже дека ти беше успешна?
– Ланската година година ми беше успешна. Освоив осум сингл турнири и три во двојки од Tennis Europe. Турнирите беа од категорија 1, 2, 3. На секој турнир се борев максимално и тој труд се исплатеше.
Имаше и настап како дел од тимот на Tennis Europe?
– Таму бев заедно со група тенисери од Европа и тоа беше огромно искуство за сите нас. Таму беше и тренерот Горан Шевченко. Тоа беше одличен настап играв на четири турнири во Белгија, Германија и два во Шпанија. Успеав да триумфирам на турнирот во Барселона, Шпанија. Играв против најдобрите деца-тенисери од целиот свет, тоа се тимови од сите континенти, огромно искуство видов дека сум еден од најдобрите таму. Освоив турнир од Категорија 1 што многу ми значи, а само со многу работа можам да бидам меѓу најдобрите во светот. За време на сите тие настапи работевме напорно, мораше да се покаже редовност и дисциплина бидејќи без тоа нема успех.
На кој турнир сакаш да играш?
– Имам желба да играм на Грен слем турнири и да победам на што е можно повеќе турнири на кој ќе настапувам
Кои се твоите планови за 2026 година?
– Да станам ТОП 10 играч во конкуренција на тенисери до 16 години со моја 15 годишна возраст, да почнам да играм ИТФ турнири до 18 години и тука да бидам во првите 1.000 и да се испробам на некој фјучрс турнир.
Поддршка од семејството?
Благодарност до семејството секогаш се тука да ми помогнат физички со присуство на турнири, а со тоа и психички да ме бодрат, а секако и финансиски. Тие ми се најголема поддршка.
Во 2025 година Алексовски настапи на околу 30 турнири, а имаше 8 сингл победи на турнири (Подгорица U16 – Категорија 3; Скадар U16 – категорија 3; Барселона U14 – категорија 1; Скопје МТП Опен U14 – категорија 3, Битола U14 – категорија 3; Улцињ U14 – категорија 2; Скопје Југ Опен U14 – категорија 3 и Анталија U14 – категорија 2), како и 3 турнирски победи во двојки (Подгорица U16 – Категорија 3; Скадар U16 – категорија 3 и Улцињ U14 – категорија 2).
Марко е ученик во деветто одделение во ОУ „Браќа Миладиновци“. Покрај тенисот, кога има време знае да гледа и кошарка. Негов идол е Новак Ѓоковиќ и желба да постигне резултати како него.
Марче досега има освоено 20 титули (11 сингл – 9 двојки) на настапи на турнири од 12 до 16 години, а веќе се подготвува за новата сезона и два турнира од Tennis Europe на Кипар (12 јануари).


