Маричиќ: Груевски прави театар, убеден сум дека има многу уесбеа од Будимпешта во ВМРО-ДПМНЕ

Бојан Маричиќ - Вицепремиер за европски прашања / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Моментот во кој ВМРО-ДПМНЕ ги вади материјалите од уесбе за наводен договор помеѓу СДСМ-ДУИ и експремиерот и бегалец од правдата, Никола Груевски, обидувајќи се да направи театар со ексклузивни информации, е смешен потег бидејќи опозициската партија уште во 2019 и 2020 година презентирала слични материјали, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Според Маричиќ театарот што го прави ВМРО-ДПМНЕ околу овој случај не може да го покрие нивното долгогодишно учество во разговорите на оваа тема, а материјалите кои ги приложил потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, со некакви наводи дека измените на Кривичниот законик се своевиден договор помеѓу Груевски и власта, е смешно бидејќи кој било може да седне и да го напише тоа.

„Такви материјали има бројни, може секој да го направи тоа, тоа е еден вид анализа на делови од Кривичниот законик со предлози и такви слични материјали презентираше ВМРО-ДПМНЕ уште во 2019 или 2020 година кога се разговараше за Законот за Јавно обвинителство. Вчера слушнавме од Мицкоски дека го пензионирале Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се сеќавате дека тогаш имавме тешки разговори со нив околу тој Закон и дискусијата за Кривичниот законик тогаш тие ја отворија“, вели Маричиќ.

Вицепремиерот вели дека тој лично не знае од кого е испратено уесбето, но додава дека е сигурен оти внатре во ВМРО-ДПМНЕ има многу уесбеа од Никола Груевски. Вицепремиерот рече и дека кај оваа партија нема конзистентност за објаснувањето на нивната улога во целиот тој процес, односно дека самите се разоткриваат дека целта им била неказнивост, а најголем доказ за тоа е вчерашниот говор на Мицкоски со кој првпат висок претставник од ВМРО-ДПМНЕ јавно кажал дека целта на партијата била да го пензионира Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

На забелешката од новинарот дека со измените во Кривичниот законик кои беа донесени токму владејачкото мнозинство го пензионирало СЈО, Маричиќ вели дека не се согласува со оваа констатација бидејќи, според него, тие се бореле овие предмети да продолжат да живеат во судскиот систем со Законот од 2020 година.

„Многу се вложивме за тој закон. За секој предмет треба да се разгледа. Целта на нашите измени кои се усвоени е да се зајакнат инструментите за конфискација на нелегално стекнатиот имот, што досега беше голем проблем во некои од случаите на СЈО, а од друга страна, да се стави на разумно и европско ниво висината на казните“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот уверува дека единствена причина зошто измените се донесени е за да се зајакнат инструментите на конфискација, а дека на јавноста останува да одлучи дали ќе верува или не во нивните објаснувања.

„Ние не можеме да го менуваме исказот само затоа што некој друг има сомнеж. Од прв момент до денес намерата е иста, измените се правени во Министерството за правда, земени се и дискутирани и со дел од експертите. Има постојана група за Кривичниот законик која работи повеќе години во Министерството и подготвува нов законик. Мислам дека е логично и во наредниот период да понудат комплетно нов Кривичен законик, не само со овие измени бидејки има работи што треба да се усогласуваат“, изјави Маричиќ.

На прашање дали постои оска на соработка помеѓу СДСМ, ДУИ и Никола Груевски, како што обвинува опозицијата, Маричиќ вели дека таква работа не постои и дека единствено што ВМРО-ДПМНЕ сака да направи со овие обвинувања е да се обиде да го прикрие внатрешниот судир кој го имаат актуелниот и поранешниот претседател на партијата.

„Мене ми делува дека судирот е сериозен, ние знаеме подолго време дека има поделба во ВМРО-ДПМНЕ. Немаме дилема дека по повеќе основи има судири во ВМРО-ДПМНЕ. Една е борба за превласт, а од друга страна, има повеќе линии на кои се разликуваат, меѓу кои една е за уставните измени“, кажа вицепремиерот за европски прашања.

Предходно во истата емисија потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, сподели материјали за кои тврди дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и уште едно лице. Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на усбето се предложените измени на Кривичниот законик  кои  кореспондираат со она што го предложи Владата, а експресно го усвои Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот