Фото: EPA-EFE/MICHEL EULER / POOL MAXPPP OUT

Макрон одби да коментира за простачката „шега“ на Трамп дека „закрепнува од ударот во вилицата од сопругата“

Претседателот Емануел Макрон нагласи дека вниманието треба да биде насочено кон деескалација на Блискиот Исток и кон прекин на огнот. Тој додаде дека на сите им се потребни стабилност, смиреност и враќање кон мирот, а не политички спектакл.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека потсмешливите коментари на Доналд Трамп за неговиот брак не заслужуваат одговор, оценувајќи ги како „неелегантни и под секое ниво“. По неколкудневни тензии околу американско-израелските напади врз Иран и околу НАТО, видно изнервираниот Макрон возврати дека „има премногу зборување“ и дека „ова не е шоу“, објави „Лемонд“.

Во средата, Трамп на приватен ручек се потсмеваше со францускиот претседател и со неговата сопруга, додека ги критикуваше сојузниците во НАТО бидејќи не се приклучиле во војната против Иран. Американскиот претседател имитирал француски акцент и рекол дека сопругата на Макрон „се однесува многу лошо кон него“ и дека Макрон сѐ уште „закрепнува од ударот во вилицата“. За време на посетата на Сеул, каде што беше придружуван од Брижит Макрон, францускиот претседател рече дека тие коментари не заслужуваат одговор.

Макрон нагласи дека вниманието треба да биде насочено кон деескалација на Блискиот Исток и кон прекин на огнот. Тој додаде дека на сите им се потребни стабилност, смиреност и враќање кон мирот, а не политички спектакл.

Коментарите на Трамп предизвикаа гнев кај француските политичари. Претседателката на долниот дом на францускиот парламент, Јаел Брон-Пиве, оцени дека ваквото однесување е недолично, особено во момент кога се разговара за прашања што влијаат врз животите на милиони луѓе и кога на боиштата има загинати.

Макрон вели дека е „нереално“ да се отвори Ормускиот Теснец со сила

Дури и Мануел Бомпар, координатор на крајнолевичарската партија „Непокорена Франција“, кој честопати го критикува Макрон, застана во негова одбрана. Тој рече дека и покрај несогласувањата со претседателот, ваквиот начин на кој Трамп зборува за него и за неговата сопруга е апсолутно неприфатлив.

Трамп се потсмеваше со Макрон и на Французите и во видео кое накратко беше објавено на Јутјуб-каналот на Белата куќа, пред пристапот до него да биде блокиран. Во тоа видео тој рече дека не му била потребна Франција, но сепак ја повикал. Повторно ја спомна Брижит Макрон на потсмешлив начин и кажа дека Макрон сѐ уште се опоравува од „ударот во вилицата“.

Со тоа Трамп алудира на видеоснимка од мај 2025 година, на која изгледаше како Брижит Макрон да го оттурнува лицето на францускиот претседател за време на патување во Виетнам. Макрон тогаш ги оттфрли толкувањата дека станува збор за семејна расправија и рече дека тие само се шегувале, како што честопати прават, оценувајќи дека станува збор за дел од дезинформациска кампања.

Трамп раскажа дека му се јавил на Макрон за да побара помош во Заливот, иако, како што рекол, САД веќе постигнувале рекорди во елиминирање непријатели и пресретнување балистички ракети. Потоа, имитирајќи француски акцент, Трамп ја прераскажа наводната реакција на Макрон, според која Франција не може да помогне веднаш, туку дури по завршувањето на војната.

Трамп потоа изјави дека од сето тоа научил нешто за НАТО, сугерирајќи дека Алијансата нема да биде тука „ако дојде големата војна“, без дополнително објаснување. Тој, исто така, го нарече НАТО „тигар од хартија“, што е уште еден во низата напади врз трансатлантскиот сојуз откако повторно се врати во Белата куќа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот