Македонските ракометарки против Исланд за четвртфинале на Светското кадетско првенство

Македонија има добра можност да биде меѓу најдобрите осум на Мундијалот/Фото: facebook.com/rfmofficial

Денеска од 20.30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ македонската женска кадетска репрезентација ќе го игра вториот натпревар од главна фаза на Мундијалот, противник е селекцијата на Исланд која веќе го обезбеди пласманот во четвртфиналето.

Со победа или реми избраничките на селекторот Љубомир Савевски исто така ќе се најдат меѓу најдобрите осум селекции на Светското првенство кое се одржува во Скопје.

Влезот за сите љубители на ракометот и спортот во СЦ „Борис Трајковски“ е слободен. Во групата „1“ Исланд има четири бодови, три Македонија, еден Шведска, а без бодови Иран.

Доколку нашите ракометарки бидат поразени, а Швеѓанките триумфираат против Иран, тогаш со Шведска ќе имаме ист број на бодови, по три.

Во таков случај ќе одлучува подобрата гол разлика, моментно Македонија има гол разлика „+12“ (плус 12), а Шведска е на „-5“ (минус пет).

Дуелот Шведска – Иран ќе се игра од 18.30 часот, за очекување е да слави шведската репрезентација, само неизвесно е со колкава разлика, по што ќе се знае што точно ќе им треба на македонските ракометарки.

Македонија во четвртфиналето во зависност од позицијата во својата група, би играла со првопласираната или второпласираната од групата „3“, а таму моментно води Јужна Кореја со четири бодови, пред Холандија со три, Романија има еден, а ниту еден Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот