Македонските одбојкари в среда во Неапол ќе ги дознаат противниците на ЕП 2023

Како што е веќе познато, следното Европско првенство, 33-то по ред, во машка сениорска конкуренција ќе се одржи од 28 август до 16 септември 2023 година во Македонија, Бугарија, Израел и Италија.
На ЕП 2023, покрај земјите домаќини, ќе играат и Словенија, Полска, Србија, Холандија, Германија, Чешка, Франција, Украина, Турција, Финска, Белгија, Португалија, Грција, Шпанија, Романија, Швајцарија, Данска, Црна Гора и Естонија.
Сите 24 репрезентации ќе се најдат во жрепката закажана за в среда (16 ноември) во Неапол, Италија, со почеток од 17.00 часот, најавија од Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
Жрепката во живо за извлекување на четирите групи на ЕП 2023 можете да ја следите на следниот линк ТУКА
Титулата ќе ја брани Италија која пред две години во Катовице (Полска) во големото финале со 3:2 во сетови ја совлада Словенија. Македонија по третпат ќе игра на континенталните собири, во 2019 година го освои 17 место, а лани се најде на 23 позиција.
– Со нетрпение ја очекуваме жрепката да ги дознаеме противниците на Европското првенство. Јас искрено се надевам и си посакувам да имаме една поволна жрепка каде што посебно би сакал да ги избегнеме незгодните и потешко ривали особено од четвртиот, петтиот и шестиот шешир. По минатото ЕП кое не беше успешно бидејќи не остваривме ниту една победа, на наредното ќе атакуваме на победи во групата, а зошто да не и на пласман во следната фаза, со што ќе биде круна на оваа генерација и со кое ќе ја израдуваме македонската јавност. Се надеваме на добра жрепка, а потоа сите здрави, живи за едно топло, убаво, напорно и среќно лето – се очекувањата на капитенот на националната селекција, Никола Ѓоргиев.