Македонските навивачи во Букурешт ќе смеат да престојуваат само 48 часа
Фудбалската репрезентација на Македонија сепак ќе има поддршка од „фалангата“ на премиерниот настап на Европското првенство кое ќе се игра од 11. јуни до 11. јули, но престојот на навивачите во Букурешт нема да биде лесен.
Романската влада дозволи на Националната Арена во Букурешт да има одреден број на навивачи, околу 13.000, но здравствените власти донесоа одлука секој странски навивач во Романија да може да престојува најмногу 48 часа. Тоа значи дека македонските, но и австриските и украинските навивачи во Букурешт може да престојуваат само за фудбалскиот натпревар.
– Доаѓањето на навивачите ќе биде исклучиво за фудбалскиот натпревар, а не за туризам. Токму поради тоа секој навивач од надвор нема да може да се задржи повеќе од 48 часа. Оваа одлука е базирана на гаранциите кои Романија ги даде за да се дозволи присуство на навивачи, но да не се загрози јавното здравје, и да не добиеме исклучување од Евро 2020 – објави Министерството за спорт на Романија.
Ваквата одлука на романските власти ќе претставува проблем за навивачите бидејќи првиот натпревар на Македонија на едно ЕП, против Австрија ќе го игра на 13. јуни, додека дуелот од второто коло со Украина е предвидено да се игра на 17. јуни. Во третото коло, Македонија на 21. јуни ќе игра против Холандија во Амстердам.