Македонските каратисти во Самсун обезбедија две борби за освојување на бронзени медали

Универзитетската карате репрезентација на Македонија/фото: Bosko Zaborski

Македонската универзитетска карате репрезентација предводена од селекторот Бошко Заборски, во поединечните настапи кои се одржаа во првиот натпреварувачки ден, успеа да обезбеди две директни борби за бронзениот медал кои ќе се одржат во петок на 30 септември.

На Светските универзитетски игри на Боречки спортови кои се одржуваат во Самсун, Турција, пријавени се 1100 учесници од 300 светски универзитети од 50 држави и тие се натпреваруваа во шест боречки спортови: самбо, борење, бокс, кик бокс, вушу и карате.

Првиот ден од учеството на Светските универзитетските игри на боречки спортови македонските каратисти успеаја да се изборат за две борби за бронзен медал. Каратистката Ангела Мојсовска во категорија -68 кг, и Викторија Јовановска во тежинска категорија -61 кг ќе се борат за бронзените медали во своите категории.

Мојсовска беше многу блиску до финалето, но не успеа својата предност да ја реализира во победа. После две победи кои ги извојува над Австрија 2-1, Босна и Херцеговина 4-3, таа во третото коло на 10 секунди до крајот не успеа да ја задржи предноста која ја имаше од прв земен поен, репрезентативката на Украина, Елина Сиелменева, која успеа да поентира и со тоа нашата каратистка својата шанса за бронзен медал ќе ја бара во борба со репрезентативката на Хрватска, Садеа Бечировиќ.

Јовановска успеа преку борба во репасаж со убедлива победа во решавачката борба од 5-1 против репрезентативката од Австралија Џуди Марие Бат. За бронзениот медал таа ќе се бори со репрезентативката на Турција, Ајсима Каракаја.

Забележителен настап првиот ден имаше и репрезентативецот Петар Заборски -75 кг, тој забележа две извонредни победи најнапред со Австралија 5-2, потоа победа и со репрезентативецот од Хонг Конг од 1-0, потоа борбата во третото коло ја загуби од репрезентативецот на Франција Ензо Бертон со резултат 1-2, и не успеа да влезе во полуфиналето.

Останатите наши репрезентативци загубија во првото коло:

Глигор Петков во категоријата +84 кг загуби 1-8 репрезентативец од Турција.

Петар Спасеновски категорија -84 кг загуби со 1-3 , исто репрезентативец од Турција

Димитар Илиевски категорија -75 кг, загуби со резултат 3-5, од репрезентативецот на Јужна Африка

Репрезентативците Давид Петков -67 кг, Моника Пендаровска -55 кг и Марија Петровска -50 кг ќе настапат денеска во своите категории. В четврток на програмата се екипните настапи во екипниот дел за мажи и жени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот