Македонските боксери сè уште се заглавени во Лондон, селекторот летнал за Куба

Јасин Лама и Гоце Јанески од 10 март се во Лондон, не се знае кога ќе се вратат. Во БФМ прават напори тоа да биде што поскоро. Нашиот селектор, Кубанецот Сојет, успеал да замине за својата татковина.

Изнудениот престој на македонската боксерска репрезентација составена од двајца учесници на квалификацискиот турнир за ЛОИ 2020 во Лондон продолжува. Гоце Јанески и Јасин Лама се уште се во Лондон. Тие заминаа за британската престолнина на 10 март да учествуваат на турнирот, кој беше прекинат поради коронавирусот.

Оттогаш се заглавени во Лондон и се уште е неизвесно кога ќе се вратат. Од Боксерската федерација на Македонија велат дека прават се за боксерите што поскоро да се вратат дома. Но тоа сигурно нема да се случи неделава.

Во контакт се со надлежните државни институции во земјава кои треба да организираат чатер лет од Лондон за двајцата боксери да се вратат во земјава, заедно со повеќемина граѓани на Македонија со слична судбина.

Во нашата боксерска федерација велат дека селекторот на Македонија, Кубанецот Хесус Сојет успеал да замине од Лондон за својата татковина Куба. Сојет веќе нема да биде македонски селектор, велат во БФМ. Тој на оваа позиција дојде минатото лето. Бидејќи сезоната е веќе упропастена поради пандемијата, нема ни потреба тој да се враќа во Македонија. Неговиот договор е до септември.

– Се уште сме тука во хотелот во кој бевме од почетокот на нашиот престој во Лондон. Во контакт сме со нашата федерација, а деновиве треба да летаме за дома. Инаку, во хотелот ни е добро, имаме се што ни треба, маркетите работат. Нема страв кај нас, тука сме сигурни – вели Јасин Лама. Обајцата боксери, кога ќе се вратат во Македонија, ќе мораат да го издржат задолжителниот карантин од две недели.

Лама и Јанески двапати беа со билетите в раце за да заминат од Лондон, првиот пат на лет за Истанбул, а вториот за Солун. Но буквално во последните минути пред да се качат на авионот, тоа не им било дозволено поради компликации предизвикани со патувањата во услови на пандемија.

– Во секојдневен контакт сме со нашите боксери во Лондон. Во секојдневен контакт сме и со државните институции задолжени да го организраат летот од Лондон, за да се вратат нашите граѓани дома. Процесот на организација на тој лет е во тек, но во моментов не можеме да кажеме кога точно тој ќе се случи. Но боксерите се добро, имаат обезбедено сместување од страна на организаторот на турнирот, имаат и финансиски средства. Се надеваме што поскоро да ги видиме дома – велат во Боскерската федерација на Македонија.

Нашите не биле во контакт со заразените Хрвати

Неодамна во Хрватска публицитет доби веста дека тренерот Томо Кадиќ и боксерот Тони Филипи, претставници на оваа земја на квалификацискиот турнир во Лондон, по враќањето во Загреб биле позитивни на вирусот Ковид 19. Нашите боксери не биле во никаков контакт со овие двајца но секако по враќањето во Македонија ќе го поминат задолжителниот карантин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот