Македонскиот мотоциклист Кочоски со прво и второ место на стартот од БМУ Европскиот шампионат

Синиша Кочоски/фото: Silent Hunters 64 Team - Sinisha Kochoski

Синиша Кочоски со нов мотоцикл успеа да стигне до победа и второ место на стартот од сезоната во БМУ Европскиот шампионат. Македонскиот мотоциклист со одличен настап ја започна новата авантура во најсилната класа во БМУ Европскиот шампионат, каде го брани трофејот освоен минатата сезона.

Членот на „Сајлент Хантерс“ имаше забележителен настап во првиот викенд од новата сезона, откако на патеката во Серес, Грција освои прво и второ место. Во првата трка одржана во саботата, Кочоски беше најдобар и ја запиша дебитантската овосезонска победа, додека во втората трка заврши како второпласиран.

Треба да се напомене дека новата сезона ја започна со нов мотицикл, откако шампионскиот „Кавасаки“ замина во историја и ќе ја красни неговата гаража. Шампионот во новата сезона ќе води мотоцикл од брендот „БМВ“.

– Задоволен сум од пласманот во првите две трки. Како и секој почеток, така и овој е многу тежок. Полека се прилагодувам на новиот мотоцикл затоа што се работи за две различни конфигурации и треба време да се прилагодам целосно за да бележам подобри резултати. Сепак, среќен сум што сезоната ја започнав со победа и второ место. Ветувам дека и во текот на целиот шампионат, јас и мојот тим, ќе го даваме максимумот за да оствариме нов голем успех. Сакам да им се заблагодарам на спонзорите кои и оваа сезона се мојата најголема поддршка – рече Кочоски.

Вториот викенд од БМУ Европскиот шампионат ќе се одржи во јуни, но следен предизвик за Кочоски ќе биде стартот на сезоната во ФИМ Европа и Алпе Адриа шампионатот, кои започнуваат кон средината на мај на патеката во Гробник, Хрватска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот