Eлмин Растодер/FC Thun

Македонски напаѓач е херој на сензацијата во Швајцарија – сакаа да не испаднат, а сега се пред титула

Чудото што го направи Лестер Сити во сезоната 2015/16 тешко дека ќе се повтори, но нова фудбалска бајка со слични размери моментално се пишува во Швајцарија. Главниот лик во неа е Тун, повратник во елитата, кој е на чекор до историска титула.

На пет кола пред крајот, Тун има дури 14 бода предност во однос на Сент Гален и веќе вечерва може и математички да ја обезбеди титулата, доколку слави против Лугано или ако Сент Гален не го победи Јанг Бојс.

Во својата 127-годишна историја, Тун има освоено само два трофеи и двата во втората лига. Никогаш не стигнале до голем пехар, ниту во купот, иако играле две финалиња (1955 и 2019), па витрината за шампионскиот трофеј сè уште стои празна. Најблиску до титула беа во 2005 година, кога завршија втори зад Базел.

Токму таа генерација испиша историја со пласман во Лига на шампиони, единствен пат кога клубот од мал град од околу 45 илјади жители настапил во елитното натпреварување. Во група со Арсенал, Ајакс и Спарта Прага, Тун заврши трет и обезбеди европска пролет во тогашниот Куп на УЕФА, каде што беше елиминиран од Хамбургер.

Главна фигура тогаш беше Мауро Лустринили, кој подоцна, како тренер, ја презеде екипата во 2022 година и за три сезони ја врати во елитата. Денес, важна улога во клубот има и Андреас Гербер, поранешен член на таа генерација, кој сега е претседател и спортски директор.

По враќањето во првата лига, целта била скромна, опстанок. Со буџет од околу два милиони евра, никој не очекуваше борба за титула, но во Тун работите едноставно „кликнаа“.

„Не направивме ништо спектакуларно. Нема големи инвестиции, ниту многу нови играчи. Го задржавме костурот од тимот од втората лига. Тренерот постојано бара храброст и максимален ангажман, а по интензитет, мислам дека никој не може да ни парира“, изјави дефанзивецот Женис Монтољо.

Токму агресивниот пристап е нивното најсилно оружје. Со висок пресинг и брзи, директни напади, Тун ги принудува противниците на грешки.

Еден од најважните фудбалери во тимот е и македонскиот репрезентативец Елмин Растодер кој е најдобар стрелец со 13 гола и шест асистенции, а зад него следат Бертоне и Ибај со по десет. Сите тројца беа дел од Тун и кога овој тим минатата се врати од Втората во најсилната лига во Швајцарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот