Македонската партија во Албанија бара почитување на македонскиот јазик во Општина Пустец

Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ изразува силно разочарување, незадоволство и загриженост поради непочитувањето на македонскиот јазик во јавни активности во Општина Пустец.

Активноста организирана вчера од Национална агенција за заштитени подрачја во Општина Пустец, при одбележувањето на 24-годишнината од основањето на Националниот парк „Преспа”, каде што информациите и банерот беа претставени единствено на албански јазик, претставува непочитување на јазичните права на македонското население во оваа област, стои во партиската реакцијата.

Исто така се наведува дека Општина Пустец е населена со 100 отсто македонско население, кое што е признато од албанската држава и каде што македонскиот јазик е еднакво признаен и треба да се користи во службени и јавни контексти.

Според партијата, игнорирањето на македонскиот јазик во официјалните активности, особено во регион каде што македонското население претставува апсолутно мнозинство, е директно кршење на нивните законски и уставно заштитени права.

Во согласност со Уставот на Република Албанија, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и законот бр. 96/2017 “За заштита на правата на националните малцинства во Република Албанија”, бараме од сите институции и организации кои работат на територијата на Општина Пустец да го почитуваат, промовираат и употребуваат македонскиот јазик, се посочува во реакцијата.

МАЕИ очекува од локалната власт на Општина Пустец  да ги спроведе потребните мерки за да гарантира дека сите активности на нејзината територија ги отсликуваат јазичните права и културните особености на македонската заедница, во согласност со потпишаниот Меморандум за разбирање од 2005 година.

Со овој Меморандумот потпишан помеѓу префектурата Корча и општина Пустец „За соработка на полето на заштитата и почитувањето на правата на малцинствата во Албанија“, во ноември 2005 година, општина Пустец се обврзува да создаде соодветни услови, да преземе мерки за зачувување и развој на националниот културен и верски идентитет на македонското малцинство, преку развој на различни активности поврзани со историјата, културата на македонското национално малцинство во Општина Пустец, округот Корча итн, нагласува партијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот