Македонија ремизираше со Шведска, против Исланд бркаме мундијалско четвртфинале

Против Исланд ќе ни биде доволен и бод за четвртфинале/Фото: facebook.com/rfmofficial

Кадетската женска репрезентација на Македонија одигра нерешено (20:20) против селекцијата на Шведска во првиот натпревар од главната фаза на Светското првенство кое се одржува во нашата земја.

Беше динамично прво полувреме, Шведска по 10 минути имаше предност од 4:1 и 6:2 и македонскиот селектор Љубомир Савевски побара тајм аут. Ние промашивме премногу шутеви и направивме неколку грешки во тој период.

Но, успеавме да го контролираме притисокот и по 20 минути игра и 4:9 на семафорот направивме серија од 5:0 и дојдовме до водство од 10:9. Добрата игра во одбраната и врвниот напаѓач Ива Младеновска беа пресудни за овој пресврт. На паузата имавме позитива од „плус два“ (12:10).

Лошо го започнавме второто полувреме, немавме гол во првите 10 минути, а тоа го искоријата Швеѓанките за предност од 13:12, а по 45 минути имаше водство од 16:15. Вистинска драма се случуваше во финишот, на само 20 секунди до крајот Шведска постигна гол за 20:19. Но, Македонија успеа да реализиран гол во последниот напад и на крајот немаше победник. Младеновска беше најефикасна со пет голови, а голманката Јовановска блескаше со 11 одбрани и беше прогласена за ракометарка на натпреварот.

– Мислам дека ремито е фер исход. Имавме свои шанси, но Шведска е многу добар тим и одигра многу добро – рече Савевски по мечот.

Со ова реми избраничките на Савевски се најдоа на чекор од пласман во четвртфиналето на Мундијалот. На следниот меч на 5 август (петок) од 20.30 часот ќе играме против Исланд во СЦ „Борис Трајковски“ – Скопје. На овој меч доволен ќе ни биде и бод за пласман во четвртфиналето.

Исланѓанките веќе го обезбедија местото во следната фаза по триумфот над Иран (28:17). На табелата во групата „1“ води Исланд со четири бодови, пред Македонија со три, следува Шведска со еден, а без бодови е Иран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот