Маѓар разговарал со Фон дер Лајен за деблокада на замрзнатите 17 милијарди евра за Унгарија
Разговаравме за итните приоритети. Потребна е брза работа за да се обнови, усогласи и да се реформира системот, да се обнови владеењето на правото, да се усогласи со нашите заеднички европски вредности и да се спроведат реформи за да се искористат можностите од европските инвестиции, напиша Урсула фон дер Лајен на социјалната мрежа „Икс“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера изјави дека разговарала со новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, и дека треба бргу да се работи на воведување реформи неопходни за одмрзнување на европските средства, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Унгарија има околу 17 милијарди евра кои се замрзнати од ЕУ поради загриженост за владеењето на правото за време на владата во заминување на премиерот Виктор Орбан, вклучително и околу 10 милијарди евра од фондот за закрепнување по пандемијата од Ковид-19, кои треба да ги отклучи до крајот на август преку спроведување реформи.
Кредитни агенции оценија дека евентуалното ослободување на средствата би ја зајакнало унгарската економија, која веќе три години е во состојба на речиси стагнација.
Сепак, тие предупредија и на повеќе ризици поврзани со кратките рокови и со други фактори кои не се под контрола на Маѓар.
„Разговаравме за итните приоритети. Потребна е брза работа за да се обнови, усогласи и да се реформира системот, да се обнови владеењето на правото, да се усогласи со нашите заеднички европски вредности и да се спроведат реформи за да се искористат можностите од европските инвестиции“, напиша Фон дер Лајен на социјалната мрежа „Икс“.
Унгарија сè уште очекува зелено светло од Европската комисија за одобрување на одбранбениот инвестициски план вреден 16 милијарди евра во рамки на шемата „Сејф“.
Во меѓувреме, Петер Маѓар, чија партија Тиса освои двотретинско мнозинство, најави дека деблокирањето на европските средства ќе биде приоритет на новата влада, која се очекува да стапи на должност во средината на мај. Тој веќе се соочува со притисок бргу да спроведе реформи, а најавена е и средба со претседателот Тамаш Шуљок, кого претходно го повика да поднесе оставка.
Според оценките на кредитната агенција „Мудис“ парламентарното мнозинство ќе му овозможи полесно носење закони, но сепак постои ризик од отпор од кадри поврзани со Виктор Орбан, поставени на клучни позиции.
Дополнително, и „С и П Глобал“ предупредува дека капацитетот на новата власт да управува и да ги реализира реформите сè уште не е проверен, а постои и опасност средствата да не се искористат навреме.
Дел од фондовите остануваат замрзнати поради несогласување со европските стандарди, особено во областите на академската слобода и правото на азил, додека, пак, околу 10 милијарди евра од фондот за закрепнување се условени со реформи во судството, со краен рок до 31 август.
Маѓар посочи дека Урсула фон дер Лајен најавила тесна соработка за исполнување на целите во „исклучително краток рок“, но аналитичарите оценуваат дека временската рамка е сериозен предизвик и може да биде пречка за навремено деблокирање на средствата.
Со падот на Орбан, Унгарија може да ја отпушти кочницата за Украина во ЕУ


