Унгарскиот пролетен ветар задува кон ЕУ
Реториката на Виктор Орбан вклучуваше силен реализам, верување дека гласот на меѓународните тела и меѓународното право згаснува. ЕУ беше претставена како арогантен морализатор, а Русија како корисен партнер во еден непријателски свет. Орбан беше познат како тројанскиот коњ во ЕУ. Неговиот пад сега поттикна надеж дека Унгарија ќе се врати на својата прозападна насока.
Виктор Орбан падна од власт. Борбата беше тешка, а досегашниот суверенистички премиер ги употребуваше сите оружја за црна кампања против Петер Маѓар, од дипфејк видеа, до постери во кои неговиот ривал беше прикажан како марионета на Украина. Но, историскиот пораз што го доживеа Орбан на изборите во Унгарија го разурна верувањето дека тој е политички недопирлив. Победата на Маѓар покажа дека демократски пресврт е можен и во Унгарија, членка на Европската Унија што сè повеќе ја губеше својата претходна прозападна насока.
Препорачано
Европските лидери сега се надеваат дека Будимпешта повторно ќе стане доверлив сојузник на ЕУ. Иако не се очекува земјата преку ноќ драстично да го смени својот курс, јасно е дека се менува политичкиот тон, а веќе има и први знаци дека дел од регионалните партнери на Орбан бргу се прилагодуваат на новата власт. Словачкиот премиер Роберт Фицо и српксиот претседател Александар Вучиќ веќе му упатија честитки на Петер Маѓар.
Како Унгарија стигна довде?
За да се разбере значењето на оваа промена во Унарија, мора да се согледа поширокиот историски контекст по падот на комунизмот.
По првите слободни парламентарни избори во 1990 година, земјата тргна кон повеќепартиска демократија и пазарна економија. Унгарија сакаше да избега од стисокот на претходниот комунистички режим и да се врзе за Западот, процес што беше заокружен со влезот во НАТО во 1999 година и во Европската унија во 2004 година. По низа политички турбуленции низ годините – особено кризата по протекувањето на говорот на премиерот Ференц Ѓурчањ во 2006 година, во кој признава дека владата лажела за состојбата во земјата – Унгарија почна да се оддалечува од Западот. Масовните протести, длабоката поларизација и последиците од економската криза во 2008 година ја урнаа довербата во тогашната либерално-левичарска елита, отворајќи му пат на Орбан.
По доаѓањето на Фидес на власт во 2010 година, Унгарија постепено почна да се оттргнува од европската политичка матрица. Под Орбан, државата се обликуваше под водство на конзервативната власт која се претставуваше како „мост меѓу Истокот и Западот“. Во таа рамка, „националниот интерес“ стана клучна реторика, честопати користена за оправдување на судирите со ЕУ, резервираноста кон Украина и на поблиските врски со Москва.
Промените не се случуваат преку ноќ
Падот на Орбан сега поттикна надеж дека Унгарија ќе се врати на својата прозападна насока. Реториката на Орбан вклучуваше силен реализам, верување дека гласот на меѓународните тела и меѓународното право згаснува, а дека секој се бори за својот двор. ЕУ беше претставена како арогантен морализатор, а Русија како корисен партнер во еден непријателски свет. Орбан беше тројанскиот коњ во ЕУ.
Сепак, според досегашните сигнали и реториката на Петер Маѓар, Унгарија веројатно нема преку ноќ да стане идеалистичка или безрезервно проукраинска држава. Поверојатно е дека ќе дојде до промена на политичката насока, но не и до целосен раскин со економската стратегија заснована врз заштитата на националниот интерес.
Со доаѓањето на Маѓар не се менува фактот дека Будимпешта ќе мисли првин на сопствените безбедност, енергетика и позиција во Европа, туку се менува проценката како тие интереси најдобро се бранат.
Будимпешта ќе повлече чекор назад од Москва
Првата голема промена ќе биде намалување на дипломатската изолација на Унгарија во ЕУ. Новата власт веројатно бргу ќе испрати симболични и дипломатски сигнали дека сака да ги поправи односите со Брисел. Во исто време, можно е и постепено оддалечување од Москва, но без нагол и драматичен пресврт. Енергетската поврзаност со Русија, како и делови од инфраструктурата, администрацијата и економијата, се длабоко вкоренети во политичкиот систем на земјата, па поверојатно е преќутно намалување на зависноста од Кремљ одошто брз раскин на врската меѓу двете земји.
Сепак, победата на Тиса отвора простор за антикорупциски мерки и за постепено враќање кон поусогласена европска линија. Во таа смисла, Унгарија би можела да се помести од улога на проблематичен вето-играч кон улога на тврд, но поконструктивен преговарач во рамките на ЕУ и на НАТО.
Сепак, орбанизмот нема веднаш да исчезне. Фидес останува силна масовна сила, особено меѓу постарите, руралните и меѓу поконзервативните гласачи. Унгарија не влегува во мирна постидеолошка фаза, туку во нова политичка борба околу тоа што ќе значи националниот интерес, каков ќе биде односот со Русија, а во тој котекст, и какво место ќе има Украина во новата стратешка равенка.
Најверојатно, Украина ќе добие помал отпор од Будимпешта, но не и безрезервна поддршка. Победата на Петер Маѓар може да значи полесна комуникација со ЕУ, помалку блокади околу европските одлуки и помека унгарска реторика кон Киев. Но, Маѓар останува внимателен околу можноста за брз влез на Украина во ЕУ.
Ќе легнат ли сојузниците на Орбан на брашното?
Падот на Виктор Орбан не е важен само за ЕУ, туку и за регионалните сојузници идеолошки слични со Орбан, бидејќи со крајот на една 16-годишна ера во Унгарија, се затвора еден важен политички центар на кој со години се потпираа суверенистичките линии во регионот.
За Србија ова е чувствителна промена. Орбан не му беше важен на Белград само како соседен лидер, туку и како редок близок сојузник во рамките на ЕУ, подготвен да посредува со Русија и да се противи на европските притисоци. Затоа и реакцијата на Вучиќ вчера беше многу внимателна. Тој му честиташе на Маѓар и порача дека верува во продолжување на добрата соработка меѓу Србија и Унгарија, а во исто време му се заблагодари на Орбан што таквите односи воопшто ги направил можни. Тоа е јасен сигнал дека Белград не сака конфликт со новата власт во Будимпешта, туку брза адаптација кон новата реалност. Вучиќ нема да се откаже од соработката со Унгарија, туку ќе ја продолжи на база на интереси поврзани енергијата, инфраструктурата, трговијата и со малцинските прашања, а не на заеднички политички наратив против Брисел.
Сличен рефлекс се виде и кај Фицо, кој, исто така, му честиташе на Маѓар и порача дека е подготвен за интензивна соработка, особено околу енергетската безбедност. Важно е што словачкиот премиер, кој е политички близок со Орбан, не одговори идеолошки, туку прагматично. Тоа покажува како ќе изгледа новата фаза во Европа и на Балканот. Помалку симболика, а повеќе прагматизам.
Во поширока смисла, ова е удар и врз еден политички мит што беше важен и за Балканот, а тоа е дека моделот на долготрајна власт, медиумска доминација, институционална контрола и постојан конфликт со ЕУ е речиси непобедлив. Пораката од Будимпешта е поинаква, дека и таков систем може да биде соборен на избори, и тоа со висока излезност и со силен пресврт кај младите гласачи. Тоа не значи дека регионот автоматски ќе се смени, но значи дека локалните сојузници остануваат без Унгарија со Орбан како патронот во идеолошката борба против европските вредности.
ВИДЕО | Маѓар одржа говор: Го соборивме системот на Орбан, ја ослободивме Унгарија


