Една година Влада Фото: Влада

Љутков и Ристовски се длабоко во „офсајд“, Тошковски се намерачил на Правда?

Реконструкцијата што ја најави премиерот отвора серија прашања за односите во коалицијата и за распределбата на клучните ресори. Во политичките кругови веќе се споменуваат конкретни имиња и можни трампи. Од исходот ќе зависи дали Владата влегува во фаза на стабилизација или во нова внатрешна прераспределба на влијанието.

Реконструкциите обично доаѓаат кога нешто веќе тргнало наопаку, особено по изборен колапс, по јавен скандал или по јасна институционална криза. Овој пат, најавата за можни промени во владиниот состав доаѓа без драматичен повод, но со тивка порака дека во кабинетот се прави пресметка: кој носи политичка тежина, кој носи резултати, а кој едноставно не се вклопува во следната фаза од мандатот.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во мај, најдоцна јуни, ќе се прави анализа на дел од ресорите и институциите, по што е можна реконструкција.

Формулацијата дека „досега не е направена таква анализа“ сугерира дека одлуките допрва ќе се кристализираат. Но, паралелно со јавната најава, во владини кругови веќе се зборува за конкретни имиња и сценарија.

Според тие информации, меѓу првите што би можеле да бидат опфатени се министерот за култура и туризам Зоран Љутков и министерот за спорт Борко Ристовски.

За Љутков се посочува дека ресорот го сведол на туризам и на протоколарни активности, без видливи системски поместувања во културната политика. Во случајот со Ристовски, аргументот што циркулира неофицијално е слаба продуктивност и отсуство на препознатливи резултати. Ниту еден од нив не е поврзан со јавна афера, што ја става реконструкцијата во рамка на перформанси, а не на кризни интервенции.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска се споменува од поинаква причина. Таа важи за блиска до премиерот и зад неа нема скандали, но дел од структурите во ВМРО-ДПМНЕ ѝ го замеруваат политичкото минато во ВМРО-Народна партија. Ако образованието стане дел од реконструкцијата, тоа би значело дека партиската кохезија е фактор исто толку важен колку и институционалните резултати.

Во заднина се отвора и посериозна комбинација – можноста за прераспределба на ресори меѓу коалициските партнери.

Секторот правда, кој го води Игор Филков од ЗНАМ, според брифинзите е од особен интерес за премиерот. Наводно се разгледува варијанта за трампа: образованието да премине кај ЗНАМ, со можност таму да биде назначен пратеникот Бобан Карапејовски, додека правда би ја презел актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.

Вакво сценарио, според нашите соговорници, би ја засилило контролата врз реформската агенда во еден од најчувствителните ресори, особено ако се земе предвид дека, според изворите, значаен дел од законските решенија се веќе подготвени.

Реконструкцијата, сепак, не е само прашање на ресорска логика, туку и на коалициски односи. Министерот за економија Бесар Дурмиши од Вреди, според информациите, е во отворен конфликт со лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами. Наводно, Касами побарал негова смена, што ја прави економијата дел од можниот пакет измени. Ако дојде до смена, замената би била повторно од Вреди, со што би се зачувал коалицискиот баланс, но би се испратила порака за внатрешна дисциплина.

Министерството за земјоделие е уште една позиција што се споменува како нестабилна. Министерот Цветан Трипуновски ретко се појавува во фокусот на парламентарната дебата, а како можен наследник се наведува пратеникот Никола Мицевски. Но, ваквата рокада носи и ризик: Мицевски е координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и неговото преминување во извршната власт би значело слабеење на позицијата на мнозинството во Собранието. Тоа ја отвора дилемата дали извршната стабилност ќе се гради на сметка на парламентарната.

Во партиските кругови се споменува и можност за смена на Сања Божиновска од ресорот енергетика, рударство и минерални суровини, со оценка дека не се испорачани очекуваните резултати. И таа, како и Јаневска, важи за блиска до премиерот, што укажува дека евентуалните потези би можеле да надминат лични релации и да се водат од поширока процена за ефектот од работењето.

За разлика од овие позиции, според информациите, стабилни се министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински.

Нивното изземање од можните промени покажува дека клучните економски и надворешнополитички столбови на Владата засега остануваат недопрени.

Ќе ја почитувам секоја одлука на премиерот, вели Јаневска за евентуалната реконструкција на Владата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот