Лина Ѓорчевска - тенисерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Лина Ѓорческа: Една година играв со скршен зглоб, сама плаќам и организирам сè околу турнирите

Сиве овие години сама се грижам за логистиката на натпреварите низ светот, вели во ексклузивно интервју за „Слободен печат“ нашата тениска ѕвезда, извонредната Лина Ѓорческа.

– Немам никаква поддршка околу патувањата за натпреварите, грен-слемовите, ниту финансиска, ниту логистичка. Со консултации со тренерот, самостојно ги букирам летовите, сместувањата, се грижам за финансиите. Секако дека тоа дополнително исцрпува, наместо да се фокусирам само на тренинзите, сепак зборуваме за серизони настапи, јас ја губам енергијата околу подготовките. Но, низ годините некако навикнав – вели Ѓорческа.

На големите спортски случувања се дружела со многу звучни имиња, легенди во тенисот.

– Ѓоковиќ е многу нормална личност, присебен човек. Ако треба некого да издвојам, тоа би бил Федерер. Тој човек е прекрасен, поседува толку убава енергија, така што едноставно посакуваш да си во негово друштво – вели таа.

Повреди

Ѓорческа преживеала сериозна повреда, една година играла со болки и скршеница на зглобот. Отворено проговори за повредите.

– Моментално имам помала повреда, затоа сме во Скопје. Преку редовни тренинзи полека закрепнувам и се подготвуваме за појавување на Ролан Гарос. Од посеризоните повреди би ја издвоила повредата на квалификациите за Австралија опен. Доктор од таму ми предложи да ми стави одреден тип на анестезија на раката за да продолжам да играм или да го предадам мечот. Јас одлучив да продолжам да играм. Второ коло победив, трето коло одново ми ставија инјекција, во текот на играта се изгуби дејството на инјекцијата и го загубив мечот. Со месеци одев по доктори и никој не можеше да открие што ми е. По една година, доктор во Германија ми констатираше скршеница на зглобот, така завршив на операција и заклучок дека една година сум играла со скршеница – раскажува таа.

Погледнете го целиот разговор со Лина на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа: Пред натпревар го слушам Оливер Драгоевиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот