Летна школа во Охрид: Македонскиот јазик да одекнува насекаде низ светот

Фото: Фејсбук на МСМЈЛК при УКИМ

Со учество на околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави, од 17 до 31 август ќе се одржи 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (МСМЈЛК при УКИМ), која ќе се одржува во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.
Како што соопшти МСМЈЛК при УКИМ, пријавени се семинаристи од Кина, САД, Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Русија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешка. Оттаму додаваат дека значајно е што бројот на семинаристите се зголемува во споредба со претходните години што е уште еден показател и за континуираното зголемување за македонистиката во меѓународната академска заедница.
„Составот на учесниците уште еднаш потврдува дека се остварува определбата на МСМЈЛК при УКИМ, македонскиот јазик да одекнува насекаде низ светот. Меѓу семинаристите, и оваа година ќе има и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, особено во групите на напреднато рамниште, но одделно значајна е бројноста и на семинаристи на почетно и средно рамниште, кои се од новите генерации посветеници на македонистиката и имаат желба и подготвеност да ги афирмираат македонскиот јазик, литература и култура во светот во текот на следните години и децении. Вложувањето во нив е и влог во иднината на странската македонистика“, велат од МСМЈЛК при УКИМ.
Програмата на Школата е конципирана така што семинаристите ќе следат лекторска настава. Организирани се лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно кое е со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, при што дел од нив ќе бидат во чест на важни јубилеи за македонистиката и за македонската историја кои се чествуваат во 2023 година.
Според МСМЈЛК , тоа се пред сè јубилеите 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, како и 120 години од Илинденското востание и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.
Во рамките на Школата ќе биде организирана и јазична работилница, а за семинаристите коишто се интересираат за македонскиот фолклор, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 35. меѓународна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, информира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.
Свеченото отворање на 56. Летна школа на МСМЈЛК ќе биде на 18 август напладне. По нејзиното завршување, од 1 до 3 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржува и јубилејната, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ.

Летната школа се организира со финансиска поддршка од Министерството за култура, а дел од програмските активности ќе се остварат и со поддршка од Општина Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот