Лековита храна: 10 намирници што го подобруваат здравјето на жените

Unsplash
Unsplash

Кој јогурт и кое чоколадо? Погледнете која храна е многу важна за доброто здравје на жените!

Жените живеат со забрзано темпо – тие се грижат за семејството, одгледуваат деца, ја одржуваат куќата, готват и одат на работа. Со таков бурен животен стил, тие често го занемаруваат своето здравје.

Физичкото и менталното здравје е директно поврзано со начинот на исхрана. Хранливите материи како витамините Б и Д, протеините, железото, фолната киселина, хромот, калциумот, магнезиумот, ензимите, влакната и есенцијалните масни киселини, се многу важни за здравјето на секоја жена.
Со правилен избор на храна, можат да се зајакнат коските, да се зголеми енергијата и да се спречат низа болести.

Список на намирници што треба често да се наоѓаат на вашето мени:

1. Грчки јогурт

Во споредба со обичниот јогурт, грчкиот јогурт содржи помалку маснотии и повеќе калциум и протеини, кои се неопходни за здрави заби, силни мускули и цврсти коски. Со редовното консумирање грчки јогурт ќе го подобрите варењето на храната и ќе ја спречите појавата на гасови и надуеност. Исто така, некои истражувања покажаа дека грчкиот јогурт има превентивно дејство на појавата на ракот на дојка, чир на желудникот и вагиналните инфекции.

2. Грав

Гравот содржи голем процент на влакна, протеини и флавоноиди, а малку маснотии. Исхраната богата со грав може да ви помогне во слабеењето, во регулирањето на нивото на шеќерот и да делува превентивно на срцевите болести и ракот на дојка. Исто така, гравот има позитивна улога во регулирањето на хормоните. Оваа намирница е добра и за трудниците, бидејќи е богата со фолна киселина.

3. Спанаќ

Спанаќот, исто како и другиот лиснат зеленчук, е задолжителна намирница за жените на сите возрасти. Богат е со важни хранливи состојки, како што се железо, калциум, фолна киселина и витамини К, Ц, Е и Б. Покрај тоа, спанаќот е богат со аминокиселини, антиоксиданти и силни фитохемикалии, кои се важни за здравјето на жените. Спанаќот е одличен за здравјето на срцето, кожата, очите, коските и црниот дроб.

4. Домат

Богат со ликопен, антиоксидант кој дејствува превентивно на појавата на рак на грлото на матката и ракот на дојка, доматот е задолжителна намирница на менито на жените. Покрај тоа, ликопенот ја штити и кожата од штетните сончеви зраци. Полифенолите од доматот влијаат позитивно на срцето.

5. Јагоди

Јагодите содржат многу витамин Ц и калиум, па затоа се одлични за зајакнување на имунитетот. Моќните антиоксиданти во јагодите го штитат срцето, ги ублажуваат брчките, го подобруваат видот, ги намалуваат воспаленијата и го намалуваат ризикот од инфекции на уринарниот тракт. Јагодите можат да го намалат ризикот и од неколку видови рак.

6. Лосос

Омега-3 масните киселини позитивно влијаат на здравјето на мозокот и васкуларниот систем. Лососот е одличен извор на омега-3 масни киселини, кои се препорачуваат во бременоста, а можат да го подобрат расположението и штитат од Алцхајмерова болест. Лососот е нискокалоричен и има висока содржина на витамин Д.

7. Темно чоколадо

Овој деликатес е богат со антиоксиданти и особено се препорачува за жените. Тоа е одличен начин да го контролирате апетитот, а има и многу хранливи материи. Флавоноидите што се наоѓаат во темното чоколадо го чуваат здравјето на артериите и го намалуваат ризикот од срцеви заболувања.
Серотонинот во чоколадото го подобрува расположението, а многу се здрави и другите состојки на овој деликатес – магнезиум, манган, бакар, цинк и фосфор.

8. Бадеми

Овие јаткасти плодови содржат многу хранливи материи – протеини, добри масти, калциум, фосфор, цинк, бакар, селен, фолна киселина, витамини Е и А. Бадемите можат да го намалат нивото на лошиот холестерол, да го подобрат сонот, имаат превентивно дејство на срцевите заболувања и на ракот. Покрај тоа, бадемите можат да ви помогнат да ослабнете.

9. Авокадо

Ова е една од најдобрите намирници против стареење за жените. Авокадото содржи добри масти, антиоксиданти и фитонутриенти кои имаат корисен ефект врз мозокот, спречуваат брчки и ја прават кожата здрава.

10. Маслиново масло

Маслиновото масло дејствува превентивно на ракот на дебелото црево, дојката и на кожата. Покрај корисните фенолни антиоксиданти, содржи и биофеноли кои го спречуваат намалувањето на крвниот притисок и ги спречуваат срцевите заболувања. Покрај тоа, маслиновото масло има и силни антивоспалителни ефекти и може да ги намали проблемите настанати како последица од хроничните болести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот