Лекар предупредува — спиењето со вклучен вентилатор може да предизвика сериозни здравствени проблеми
Здравствен експерт предупредува дека спиењето со вклучен вентилатор може да има негативни последици по здравјето, особено во периодот кога температурите почнуваат да растат, пишува „Јунилад“.
Препорачано
Со доаѓањето на мај и приближувањето на летната сезона, многумина се решаваат да користат вентилатор во текот на ноќта за полесно да заспијат. Сепак, според препораките на здравствените експерти, оваа навика не е секогаш безопасна.
Доктор Киран Динтијала за здравствениот портал „Слип адвајзор“ објаснува дека вентилаторите можат да разнесуваат прашина и полен, што може да предизвика иритација кај лица со алергии или астма.
Покрај тоа, вентилаторот може да го исуши воздухот околу вас, што доведува до проблеми како бронхитис, синузитис, крварење од носот и дехидратација. Сувите очи се уште еден чест проблем, а оние кои спијат со отворена уста може да се разбудат со болно грло.
Експертот за спиење Мартин Сили дополнува дека, без разлика колку е жешко, подобро е да се избегнува користење вентилатор за време на спиење.
„Ако забележите симптоми како често кивање, насолзени очи, течење од носот, чешање во грлото или потешкотии со дишењето, проверете дали вентилаторот е чист, бидејќи прашината на лопатките може да ги влоши овие состојби“, советува тој.
Дополнително, вентилаторот може да ги исуши носните канали, што го зголемува лачењето на слуз во организмот. Ова може да доведе до непријатни симптоми како главоболка, затнат нос и синусна болка.
Експертите препорачуваат да се пие доволно вода по будењето, бидејќи дехидратацијата може да предизвика чувство на замор и поспаност, особено по ноќ со лош сон поради топлината.
Исто така, постои ризик од вкочанетост на мускулите.
„Доколку веќе имате болки во мускулите, било поради физичка активност или неправилно држење на телото, избегнувајте вентилаторот да биде насочен директно кон тој дел од телото во текот на ноќта“, предупредува Сили.
Иако вентилаторот може да изгледа како лесно решение за топлите ноќи, експертите советуваат внимателност при неговата употреба.


