Легендарниот техно диџеј Свен Ват ќе го затвори Таксират 21

Легендарниот андерграунд техно диџеј и поп суперѕвезда, Свен Ват, од многумина нарекуван и таткото на рејверските афтерпартиња доаѓа ексклузивно од Амстердам за да ја изведе својата магија со целовечерен сет на 8-ми декември, во СЦ Борис Трајковски за заокружување на ТАКСИРАТ 21. „Папа Свен“ е визионер и перфекционист кој го смени текот на електронската музика. Магионичар кој повеќе од 35 години ја изведува својата илузија исклучиво на грамофони.

И тоа не е сè! На главната вечер на 21-во издание на Таксират на 7-ми декември во полн состав се приклучуваат и Суперхикс – синоним за добар провод и забава, повеќе пати прогласувани за група, хитови и концерт на годината.

Истата вечер на главната сцена ќе застане и хрватскиот рапер и стиховен еквилибрист, Андрија Вујевиќ, алијас Војко В, кој ги исмеа сите и имаше неверојатно успешна година: грабна три награди Порин (за најдобар албум и за најдобар клубски албум „Војко“, и за најдобар видео спот „Не може“) и се претвори во најангажиран изведувач во регионов.

Покрај Суперхикс и Војко В, во листата на изведувачи за главната вечер на Таксират 21 веќе се запишани и британските драмендбејс супернови Chase & Status, хрватските легенди Хладно пиво, шведските поп ѕвезди Peter Bjorn and John, култните Београдски синдикат, а втората фестивалска бина ќе биде отстапена на супер-собирот на најголемите трап артисти од домашната и регионална сцена: Клинац, Prince$$ Donatsu, Buntai, Донплеја, Kuku$ Klan, Секси Марса, Бон Праскиза, 30Zona.

Програмата наскоро носи уште изненадувања, а бројот на билетите на првата, најповолна цена од 500 денари веќе се намалува. Посетители треба да побрзаат во продажната мрежа на МкТикетс или онлајн.

За десеттина дена започнува финалето и десетте дена во славење на музиката и културата на овогодинешниот Таксират број 21. Стартуваат со шестата ПИН Музичка конференција и шоукејс фестивал, која ќе се одржи од 28-ми до 30-ти ноември во МКЦ. На 1-ви декември ќе се одржи и првиот соло концерт на скопскиот рапер ЛД Пистолеро во МКЦ, а на истата локација за 5-ти декември е закажана LP (винил) и концертна промоција на музичкиот проект на Мугер Фугер и Горан Трајкоски, насловен „Во ова време“. Традиционалниот избор на најдобар демо изведувач Лузер Фест, со осум нови бендови, е потврден за 6-ти декември во МКЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот