Легендарната „Биркин“ на Џејн Биркин / Фото: ALAIN JOCARD / AFP / Profimedia

ФОТО | Легендарната чанта „Биркин“ е продадена за 10 милиони долари, но е едвај употреблива и оштетена!

Оригинална чанта „Биркин“ од модната куќа „Ермес“ е продадена за 10 милиони долари, вклучувајќи ја провизијата и дополнителните трошоци, на аукција организирана од „Сотби“, што ја прави најскапата чанта некогаш продадена на аукција и покрај тоа што е изгребана и извалкана, објавува Си-ен-ен.

Аукциската куќа одби да даде проценка на вредноста на оригиналната чанта „Биркин“ пред продажбата, но раното наддавање го сруши рекордот од еден милион евра. Десетминутната војна за наддавање меѓу девет колекционери на крајот заврши со победа на приватен колекционер од Јапонија, според соопштението за медиумите на „Сотби“.

Морган Халими, глобален раководител на одделот за чанти и додатоци на „Сотби“, ја нарече продажбата „важна пресвртница“ во историјата на модата и луксузот.

„Тоа е зачудувачка демонстрација на моќта на легендата и нејзината способност да ја разгори страста и желбата на колекционерите кои бараат исклучителни предмети од уникатно потекло. Продажбата на оригиналната чанта ‘Биркин’ е, во крајна линија, и прослава на трајниот дух и привлечност на нејзината муза, Џејн Биркин“, рече таа во соопштение за медиумите.

Истата аукциска куќа продаде „дијамантска хималајска чанта ‘Биркин’“ украсена со бели дијаманти за над 450.000 долари во 2022 година, додека Кристи продаде верзија од крокодилска кожа за речиси 390.000 долари во 2021 година. Претходниот рекорд за најскапа чанта го постави чанта Кели од крокодилска кожа со дијаманти, која достигна цена од 513.040 долари, според Си-ен-ен.

Фото: lev radin / Alamy / Profimedia

Според експертите во „Сотби“, оригиналната чанта „Биркин“ има неколку разлики од подоцнежните верзии, како што се големината на чантата, металните прстени и ременот за на рамо.

На предната страна се нејзините иницијали – Џ.Б., додека мал сребрен сечкач за нокти виси од ременот (актерката сакала да ги одржува ноктите уредни, па затоа секогаш ги држела ножичките во близина). И, секако, добро користената чанта носи и траги од секојдневниот живот на Џејн Биркин, вклучувајќи промена на бојата поради две налепници од организации – „Лекари без граници“ и УНИЦЕФ.

Најпознатата чанта во современата мода настанала по една случајна средба што се претворила во урбана легенда. За време на лет од Париз до Лондон, англиско-француската пејачка и актерка Џејн Биркин, која почина во 2023 година, му се пожалила на својот сопатник дека не може да најде практична чанта што ќе ѝ одговара на нејзините потреби како млада мајка.

Сопатникот ѝ бил Жан-Луј Дима, тогашен директор на модната куќа „Ермес“. Разговорот меѓу нив бил инспирација за создавање на пространа кожна чанта со место за шише и други неопходни предмети. Така, во 1984 година се родила чантата „Биркин“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот