Лазаров:  Можеби и ја препуштаме улогата на фаворит на Чешка, но ние сакаме пласман на СП

Селекторот Лазаров ги собра ракометарите пред мечевите со Чешка/ фото: Слободен печат

Ракометната репрезентација на Македонија со денешниот собир во хотелот „Александар Палас“ ги стартуваше подготовките пред двата најважни натпревари годинава, финалниот бараж двомеч со Чешка за пласман на Светското првенство 2023 кое ќе се игра во Полска и Шведска.

Селекторот и капитен, Кирил Лазаров, смета дека натпреварите со Чешка ќе бидат потешки од тие со Романија, бидејќи Чесите се поквалитетна репрезентација. Првиот бараж натпревар треба да се игра на 13. април во Злин, а реваншот е наредната недела во СЦ „Борис Трајковски“.

– Дојдовме до тоа што го посакувавме, до последниот бараж двомеч пред СП. Чешка е сериозна репрезентација која имаше многу добар настап на Европското првенство, им недостасуваше спортска среќа да направат чудо, да ги елиминираат финалистите, Шведска и Шпанија. Тоа е репрезентација за респект, репрезентација која лично мене ме изненади како го одигра тоа ЕП, и покрај добриот настап тие го сменија селекторот. Значи мислат дека можат уште подобро.

Тоа ни покажува дека се работи за амбициозна селекција која во последните години правеше добри резултати. Се сеќаваме на 2018 на ЕП, и во 2020 имаше забележителен настап. Не чека тежок предизвик, мислам дека треба добро да ги искористиме овие 3-4 дена, добро да се подготвиме. Нема потреба да ја споредувам Чешка со Романија, можам да кажам дека 15-20% е повоиграна репрезентација, иако не треба да се занемари квалитетот на Романија. Нема да не уплаши тоа, напротив, ќе се подготвиме добро, имаме јасна идеја.

Можеби и ја препуштаме фаворитска улога на Чешка, но ние сакаме пласман на СП и сме спремни да го дадеме нашиот максимум да се пласираме на тоа СП. Мислам дека многу ќе ни значи уште еден настап на големо натпреварување, оваа нова Македонија да има настап. Ние ќе сториме сè да се подготвиме. Спремни сме, доста ја анализиравме иако малку ќе ни биде чудно затоа што немаме никаков материјал со новиот селектор.

Сепак како што во повеќе наврати сум кажувал, така и сега ќе кажам, ние треба да се сконцентрираме на нас самите. Она што е добро да го задржиме , тоа што ни фалеше во минатиот период да го подобриме. Мислам дека сме во нагорна линија. Се надевам дека ќе останеме тие што сме здрави. Тоа е најважно, веќе ни недостигаат тројца играчи, ако има воошто прва седморка. Тоа се Мартин Велковски, Дејан Манасков и Цветан Кузманоски. Имаме проблем со Павле Атанасијевиќ, ќе видиме како ќе се одвива работата со него – рече Лазаров.

На денешниот собие не беа присутни сите репрезентативци, Миркуловски, Кузмановски и Пешевски, како и голманот Никола Митревски имаат клупски обврски и најдоцна до понеделник ќе се приклучат на националниот тим.
Ракометарите утрешниот тренинг ќе го одработат во салата во Автокоманда бидејќи салата „Борис Трајковски“ е зафатена поради претходно закажан  концерт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот