Лазаров: Ме исцрпува новата улога, кога нешто сакате, го работите со страст без проблем

epa09068528 North Macedonia's coach Kiril Lazarov reacts during the Men's EHF EURO 2022 qualification handball match between North Macedonia and Denmark in Skopje, Republic of North Macedonia, 11 March 2021. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Кирил Лазаров на најдобар можен начин дебитираше на селекторската функција, Македонија вчера во квалификациите за ЕП 2022, го совлада актуелниот светски шампион Данска со 33:29.
– Задоволен сум и горд сум од она што се направи. Можеби за мене неочекувано беше што ја добивме Данска. Утринава имавме видео-анализа и дури и мене при анализата натпреварот ми изгледа многу подобро одошто ми изгледаше на терен. Можат да се увидат неколку детали и сакам уште еднаш јавно да им честитам на играчите, стручниот штаб и сите што беа инволвирани во овој процес за подготовката против Данска. Но, сега треба да се посветиме уште повеќе и да се надградуваме и најважно е во наредните 7-8 месеци да создадеме квалитетна база од 20-25 квалитетни играчи кои во секој момент можат да влезат на терен и да им парираме на поголемите европски репрезентации. Тука сме 21 играч, ни недостасуваат, од оние кои што го заслужија повикот сега, Мишевски кој беше ковид-позитивен, сега е негативен, како и Кукуловски и Маџовски – изјави Лазаров пред вечерашниот тренинг.

Лазаров со вчерашниот натпревар, започна нова ера во својата кариера, освен што како капитен е предводник на теренот, сега ја има улогата и на селектор. Иако е тешко, Лазаров заедно со стручниот штаб во кој се наоѓаат ракометни легенди и негови соиграчи како и за прв пат дама во машкиот тим, Билјана Црвенковска, успеја да ги надминат искушенијата и функционираа беспрекорно на првиот натпревар.
– Многу потешко би ми било да сум само селектор, да гледам од надвор, а да не делувам внатре. Вака кога сум на терен и сам носам одлуки и решенија и директно влијаам на резултатот на играта. Малку ме исцрпува новата улога, затоа што се подготвуваш за тренинг, треба да размислуваш на тактика, треба да размислувате на својата репрезентација, за противникот, за 20 играчи, па со сите да разговарате, да ги чуете нивните барања и нивните проблеми. Но, тука влегов со голем ентузијазам и сакам да ја работам оваа работа. А, нешто кога сакате, го работите со страст без проблем. Вчера функциониравме како тим, имаше многу главни. Дури и за членовите на стручниот штаб за кои немаше место на клупата дадоа свој придонес. Се договоривме како ќе функционираме и секој имаше свој удел во тоа. Уште немам одредено улоги бидејќи за мене сите четворица се како еден, сите ми се десна рака и така ќе биде во иднина. Презадоволен сум како се воигравме и дури бев на теренот, со очи се разбиравме и јасно знаевме што сакаме да направиме во секој момент од натпреварот – вели Лазаров кој додава дека системот е важен и секој да си го добие своето место во него:
– Секогаш зборувам дека доколку некој стигнал до репрезентацијата има некаков квалитет. За друготосе работи каква улога ќе има во тимот. Се работи за систем, ние полека но сигурно поставуваме добар систем.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот