Германец паднал на скијање, па почнал да добивал напади кога решава судоку
Во ноември 2008 година, тогаш 25-годишен Германец бил на скијање, кога лавина го соборила и го оставила без свест, затрупан под снег околу 15 минути. За време на тој период, ткивата во неговото тело останале без кислород, што довело до состојба позната како хипоксија, објави „Лајв саенс“.
Препорачано
Негов пријател успеал да го извлече и веднаш започнал со кардиопулмонална реанимација, по што повредениот бил пренесен во болница. Според Беренд Федерсен, невролог од Универзитетот во Минхен и главен автор на извештајот за овој случај, хипоксијата предизвикала нарушувања во движењето, при што кај пациентот се појавувале неконтролирани грчења на мускулите на нозете при одење и на мускулите околу устата при зборување. Такви грчења, сепак, не биле забележани во рацете.
По болничкото лекување, мажот бил префрлен во центар за рехабилитација. За време на престојот таму, тој од досада започнал да решава судоку-загатки, активност со која редовно се занимавал и пред несреќата.
Додека решавал судоку, мускулите на неговата лева рака почнале неконтролирано да се грчат. Овие движења веднаш престанувале штом ќе престанел да ја решава загатката.
Лекарите посомневале дека станува збор за напади, повторувачки мускулни грчеви, кои се јавувале исклучиво за време на решавањето судоку, па биле направени дополнителни испитувања на мозокот.
Електроенцефалограмот (ЕЕГ), кој ја мери електричната активност на мозочната површина, покажал дека нападите потекнуваат од десната центропаријетална регија, односно од централните и паријеталните делови на десната мозочна хемисфера. Магнетната резонанца не открила болести или абнормалности што би можеле директно да ги објаснат нападите.
Потоа била направена и функционална магнетна резонанца додека пациентот решавал судоку. Овој метод ја следи мозочната активност преку протокот на крв. Снимките покажале широко распространета активација на мозокот, со особено изразена активност во центропаријеталниот кортекс, наведуваат лекарите во извештајот.
Подетална анализа со техника на дифузионo тензорско снимање, која ги мапира белите мозочни влакна, покажала намален број инхибиторни влакна во тој дел од мозокот.
Губењето на овие влакна, кои вообичаено ја држат активноста на мозочните клетки под контрола, довело до тројно зголемување на активноста на нервите што се спуштаат кон левата рака. Според лекарите, хипоксијата предизвикана од лавината е „најверојатната“ причина за ова оштетување.
Прекумерната активација на десниот центропаријетален кортекс довела до фокални епилептични напади, односно напади ограничени на еден специфичен дел од мозокот. Кај пациентот се развила таканаречена рефлексна епилепсија – форма на епилепсија при која нападите се предизвикани од конкретни надразби, како светлина, звук или одредени ментални активности.
Во овој случај, тродимензионалните визуелни слики што пациентот ги замислувал додека решавал судоку биле директниот предизвикувач на нападите, објаснил Федерсен. Пациентот немал напади при читање, пишување или сметање, но лекарите можеле да предизвикаат напад со други визуелно-просторни задачи, како редење случаен низа броеви од најмал до најголем.
На пациентот му биле препишани антиепилептични лекови, со што нападите целосно престанале. Според извештајот, до 2015 година тој бил без напади повеќе од пет години. Воедно, поминал и физикална терапија, која значително ги намалила трзаите при одење и зборување.
Како дополнителна мерка, целосно престанал да решава судоку-загатки.
ВИДЕОАНКЕТА | Знаете ли што е епилепсија и на кого е посветен „виолетовиот“ ден?


