Лани сме добиле 2.100 нови магистри и доктори на науки – меѓу најучените доминираат жените
Лани со звањата магистер или специјалист се здобиле 1.855 македонски граѓани, соопшти Државниот завод за статистика. Ова е бројка слична на онаа од 2024 година – повисока е за половина процент.
Препорачано
Зголемувањето е процентуално поизразено кај докторите на науки: минатата година докторирале 245 граѓани, што е дури 14 отсто повеќе од 2024 година, кога сме добиле 215 нови доктор на науки. Над 60 проценти од новите магистри, специјалисти и доктори на науки кои со звањата се стекнале во 2025 година – се жени, покажуваат податоците на ДЗС.
Најпопуларни за стручно усовршување и научно истражување биле бизнисот и правото. Од 1.558 магистерски трудови, речиси една третина биле во овие области – вкупно 497. Имало и голем интерес за инженерство, производство и градежништво – 256 магистерски трудови, а за општествените науки – 230.
И покрај постојаниот недостаток на здравствен кадар, особено специјалисти или пак повисоки научни звања кои ќе го пренесат знаењето на лекарите, од дипломираните доктори само 82-ца специјализирале или магистрирале.
„Најголем број од луѓето, 25,3 проценти, докторирале во областите здравство и социјална заштита; во бизнис, администрација и право – 14,7%; во инженерство, производство и градежништво – 12,7%; во уметност и хуманистички науки – 12,2%; следат областите општествени науки, новинарство и информирање со 10,2%, а останатите области се со помал процент на застапеност“, пишува во извештајот на Државниот завод за статистика.
„Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки во 2025 година е 61,2%. … Учеството на жените магистри во вкупниот број лица што стекнале научен степен магистер на науки во 2024 година е 61,6%“, пишува во извештаите на ДЗС за 2025 и 2024 година. Од 1.558 нови магистри лани, дури 954 биле жени, а 604 мажи. Кај специјализациите овој јаз е уште поизразен – 203 биле жени, а 94 мажи.


